Alyssa Mcmurtry
28 Октомври 2026•Ажурирано: 28 Октомври 2026
Најмалку 64 лица загинаа денес при судир на два брзи воза во Централна Шпанија, објавија шпанските медиуми, меѓу кои и јавниот радиодифузен сервис РТВЕ, пренесува Анадолу.
Емилијано Гарсија-Пахе, претседател на регионот Кастиља-Ла Манча, предупреди дека бројот на загинати би можел дополнително да се зголеми, објави шпанскиот дневен весник „Ел Паис“.
Воз на „Ренфе АВЕ“ удрил во задниот дел на воз на „Ирио“, кој претходно запрел, а потоа повторно тргнал, според сведочењата на патниците. Два вагона излетале од шините и паднале по насип, соопштија службите за итни случаи.
Гарсија-Пахе рече дека спасувачите пронашле 34 тела во возот на „Ирио“, а уште шест лица биле потврдени како загинати во еден од неговите вагони, но нивните тела сè уште не биле извлечени.
Уште 24 смртни случаи биле регистрирани во возот на „АВЕ“, додаде тој.
„Станува збор за огромен број. Длабоко сочувствувам со семејствата и со сите погодени од оваа несреќа“, рече Гарсија-Пахе, опишувајќи го судирот како „невидена трагедија“.
Тој потврди и дека околу 80 лица биле повредени, од кои приближно 55 добиваат медицинска помош во болниците низ регионот.
„Имаше загинати под возовите. Толку многу луѓе не можеа да излезат, се слушаа врисоци, беше ужасно“, изјави Едуарда, патничка во возот на „Ирио“, за шпанската радиостаница „Кадена СЕР“.
Денешната несреќа се случила во близина на станицата Урда, во провинцијата Толедо, околу 8:54 часот по локално време.
Операторот на железничката инфраструктура „Адиф“ соопшти дека двата воза сообраќале на линијата Мадрид–Севиља. Железничкиот сообраќај што ги поврзува Мадрид, Сиудад Реал и Андалузија беше прекинат.
На местото на несреќата беа испратени спасувачки екипи, меѓу кои пожарникари и медицински хеликоптери. Регионалната Влада на Кастиља-Ла Манча го активираше планот за итни интервенции.
Премиерот Педро Санчез ги откажа планираните обврски за да ја следи состојбата и, според наводите, се упатил кон местото на несреќата.
Сите политички партии, освен екстремно десничарската партија Вокс, ги откажаа предизборните настани планирани за денес.
Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал, го обвини Санчез за несреќата, тврдејќи дека неговата Влада „апсолутно сè уништила“.
Европските лидери, меѓу кои италијанската премиерка Џорџа Мелони и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, изразија сочувство.
Причината за несреќата сè уште се истражува, иако првичните наводи укажуваат на човечка грешка.
Гарсија-Пахе одби да коментира за можната причина, наведувајќи дека првичните процени изгледаат „логични“, но дека не е негово да дава коментари.
Тој рече дека непосреден приоритет е справувањето со вонредната состојба и обезбедувањето помош за жртвите и нивните семејства.
Судирот се случи девет месеци по железничката катастрофа во Адамус, во Јужна Шпанија, во која загинаа 46 лица, а повеќе од 120 беа повредени.
Ова е најсмртоносната железничка несреќа во Шпанија од излетувањето од шините на воз во близина на Сантијаго де Компостела во 2013 година, кога загинаа 80 лица.