Melike Pala, Selen Valente Rasquinho
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
НАТО денес соопшти дека планираното намалување на американските воени капацитети доделени за операциите во Европа долгорочно ќе ја зајакне Алијансата преку намалување на зависноста од еден сојузник и создавање поодржлив баланс на одговорностите, јавува Анадолу.
Одговарајќи на прашањата на Анадолу преку писмена изјава, портпаролката на НАТО, Алисон Харт, потврди дека Вашингтон планира да намали дел од воздухопловните и поморските капацитети доделени за операциите на НАТО во Европа.
„Плановите за одбрана на НАТО ги дефинираат силите и капацитетите што ни се потребни. Моделот на сили на НАТО е сеопфатна рамка за ставање на националните сили на располагање на Алијансата“, изјави Харт.
Таа истакна дека Алијансата историски многу се потпирала на американските сили и капацитети, додавајќи дека балансот на одговорностите би можел да се промени во услови кога европските сојузници и Канада ги зголемуваат трошоците за одбрана и развиваат дополнителни капацитети.
„Оваа промена ги зајакнува плановите за одбрана на НАТО преку намалување на прекумерната зависност од еден сојузник и е одраз на пошироката транзиција што се случува во рамките на Алијансата. Станува збор за поставување на НАТО на поодржлива основа за следните децении“, рече Харт.
Ваквите изјави следуваа по известувањето на „Њујорк тајмс“, кој се повикува на двајца високи европски официјални претставници, во кое се наведува дека САД планираат значително да го намалат бројот на авиони и воени бродови доделени за операциите на НАТО во Европа.
Според наводите, бројот на американски борбени авиони од типот Ф-16 и Ф-15Е наменети за НАТО би се намалил од околу 150 на 100, додека авионите за поморско набљудување би се намалиле од 26 на 15. Се очекува и целосно повлекување на осум авиони-цистерни за полнење гориво во воздух.
Исто така се наведува дека една од двете тактички бомбардерски групи, кои претходно беа задолжени за одбрана на Европа, ќе биде прераспоредена во друг регион, додека подморница опремена со ракетен систем и еден носач на авиони исто така ќе бидат стационирани на друга локација.