Hassan Isilow
15 Април 2022•Ажурирај: 17 Април 2022
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Бројот на загинати во поплавите на источниот дел во Јужноафриканската Република се зголеми на 341, јавува Агенција Анадолија (АА).
Разорните поплави најтешко ја погодија провинцијата КваЗулу-Натал на истокот на Јужноафриканската Република.
„Вкупно 40.723 луѓе беа погодени, и за жал, беа регистрирани 341 смртен случај“, рече премиерот на КваЗулу-Натал, Сихле Зикалала.
Зикалала рече дека сѐ уште се трага по исчезнатите, но дека досега се регистрирани 55 повредени лица.
Премиерот рече дека се оштетени 248 училишта, како и неколку водоводи, што довело до недостиг на вода за пиење.
„Нивото на уништување на човечки животи, инфраструктура и мрежи за испорака на услуги во покраината е без преседан“, рече Зикалала.
Невообичаено обилни дождови започнаа пред неколку дена во делови од КваЗулу-Натал, што доведе до големи поплави кои уништија една од најпопуларните дестинации за одмор во земјата пред велигденските празници.
Официјалните претставници велат дека ова е најтешката природна катастрофа во земјата во повеќе од 30 години.
Поплавите стануваат сѐ почести во Јужна Африка. Експертите истакнуваат дека тоа би можело да се должи на климатските промени и глобалното затоплување.