Dilara Hamit
05 Август 2026•Ажурирано: 05 Август 2026
Египетската фудбалска ѕвезда Мохамед Салах им порача на навивачите на Трабзонспор дека „многу наскоро“ ќе се видат, додека турскиот клуб потврди дека се во тек преговорите за негов трансфер, јавува Анадолу.
Трабзонспор на своите профили на социјалните мрежи објави видео на кое 34-годишниот напаѓач се наоѓа во авион и го носи бордо-синиот дрес на клубот со бројот 61.
„Трабзон, дали сте подготвени? Ве слушам. Се гледаме многу наскоро. За нас, насекаде е Трабзон“, порача Салах.
„За нас, насекаде е Трабзон“ е еден од најпознатите слогани на навивачите на Трабзонспор, кој ја симболизира силната поврзаност меѓу клубот од Црноморскиот Регион, градот Трабзон и неговите навивачи низ цела Турција.
Бројот 61 е регистарската ознака на областа Трабзон и е широко прифатен како симбол на градот и клубот.
Се очекува Салах во Истанбул да се сретне со претседателот на Трабзонспор, Ертугрул Доган, пред подоцна во текот на денот да отпатува за Трабзон.
Клубот сè уште не ги објавил деталите за евентуалниот договор, вклучително и неговото времетраење и финансиските услови.
Салах го напушти Ливерпул по завршувањето на сезоната 2025/2026, по девет години поминати во англискиот премиерлигаш.
За Ливерпул одигра 442 натпревари, постигна 257 голови и забележа 120 асистенции, со што стана трет најдобар стрелец во историјата на клубот во сите натпреварувања, зад Ијан Раш и Роџер Хант.
Воедно, тој го напушти клубот како најдобар стрелец и асистент во историјата на Ливерпул во Премиер лигата.
Во текот на престојот на „Енфилд“, Салах освои осум големи трофеи, меѓу кои две титули во Премиер лигата, Лигата на шампионите на УЕФА, Светското клупско првенство на ФИФА, Суперкупот на УЕФА, ФА Купот и два трофеи во англискиот Лига куп.
На индивидуален план, четири пати ја освои „Златната копачка“ во Премиер лигата, трипати беше прогласен за играч на годината во изборот на Здружението на професионални фудбалери, а трипати ја доби и наградата за фудбалер на годината во изборот на Здружението на спортски новинари.
Пред трансферот во Ливерпул од Рома во 2017 година, Салах настапуваше и за Базел, Челзи и Фиорентина.
Трабзонспор е првиот клуб надвор од Истанбул што ја освоил шампионската титула во турската Суперлига, во сезоната 1975/1976, а последната титула ја освои во сезоната 2021/2022.
Доколку трансферот биде реализиран, Салах ќе стане едно од најголемите засилувања во историјата на турскиот фудбал и еден од најуспешните играчи што настапувале во англиската Премиер лига.