Lina Altawell
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
Мисијата на Обединетите нации за поддршка на Либија (УНСМИЛ) доцна вчера ги демантираше тврдењата дека нејзината Агенција за бегалци се обидува нерегуларните мигранти трајно да ги насели во земјата, изразувајќи притоа „сериозна загриженост поради ширењето на дезинформации“, јавува Анадолу.
Ова соопштение на УНСМИЛ го даде откако либиски демонстранти, изразувајќи револт поради евентуално преселување на мигрантите, извршија упад во седиштето на мисијата во дистриктот Сараџ, во западен Триполи, и ја блокираа канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) фрлајќи големи количини песок пред влезовите на објектот.
Податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) од средината на 2024 година укажуваат дека во Либија се евидентирани околу 900.000 мигранти и бегалци, од кои мнозинството се по потекло од Судан, од каде што пребегале поради воениот конфликт во нивната татковина.
„Обединетите нации го потврдуваат правото на сите Либијци за пристап до точни информации, како и правото на мирно изразување на сопственото мислење, во согласност со либиските и меѓународните закони“, соопшти мисијата.
„УНСМИЛ е загрижена поради ширењето неточни информации, дезинформации и говор на омраза во врска со работата на ОН во Либија, што придонесе за зголемување на тензиите и поттикнување нетрпеливост кон локалниот и меѓународниот персонал на ОН“, се додава во соопштението.
Изминатиов период либиските активисти преку платформите за социјални медиуми шират информации дека телата на ОН имаат намера нерегуларните мигранти да ги населат во Либија. Ниедна официјална институција досега не ги потврди овие наводи.
На социјалните мрежи циркулираат и повици за протерување на нерегуларните мигранти од Либија и за затворање на канцелариите на Агенцијата за бегалци на ОН во Триполи.
„Мисијата на ОН во Либија повторува дека ниедна нејзина агенција, вклучително и УНХЦР, не спроведува никакви програми за преселување во Либија. Сите наводи што укажуваат на спротивното се целосно неточни“, соопштуваат од мисијата на ОН, повторувајќи ја својата позиција.
„УНХЦР соработува со либиските власти и меѓународната заедница, со целосно почитување на суверенитетот на Либија, со цел пронаоѓање решенија надвор од Либија за луѓето што бегаат од војна, конфликти и прогон, вклучително и евакуација во трети земји и доброволно враќање тогаш кога условите го дозволуваат тоа“, додаде мисијата.
Мисијата ги осуди „секое поттикнување на насилство, заканите кон персоналот на Обединетите нации, како и актите на вандализам и/или нападите врз вработените, просториите и имотот на Обединетите нации“.
Таа ги повика сите страни да ја почитуваат неприкосновеноста на просториите, персоналот, имотот и средствата на ОН, во согласност со меѓународното право.
Министерството за надворешни работи на Либија, во рамките на Владата со седиште во Триполи, во понеделникот повторно го потврди својот став за неприфаќање на какво било преселување на мигранти во земјата.
Претседателот на Високиот државен совет на Либија, Мухамед Такала, членот на Претседателскиот совет, Абдула ал-Лафи и шефот на Органот за административна контрола, Абдула Кадербух, исто така, ја отфрлија можноста за преселување на нерегуларните мигранти во земјата.
Мисијата на ОН во Либија во вторникот изрази загриженост поради, како што го нарече, „повторното оживување на дезинформациите и подбуцнувачката реторика“ насочени кон мигрантите.
„Ваквите наративи носат сериозен ризик од разгорување на тензиите, недовербата, дискриминацијата и насилството, што директно влијае врз достоинството, безбедноста и секојдневниот живот на луѓето во Либија“, се додава во соопштението.
Садам Хафтар, заменик-командант на силите со седиште во Источна Либија, во вторникот им нареди на безбедносните служби да го прекинат „илегалниот престој“ на нерегуларните мигранти на територијата на Либија.
Локалните власти во западниот град Зувара во средата прогласија привремен ноќен полициски час за странските државјани „со цел зголемување на безбедноста и јавната сигурност“.
Нерегуларната миграција е присутна во Северозападна Либија, по должината на брегот на Средоземното Море, особено во градовите Карабули, Сабрата и Зувара, каде што групи ја искористуваат политичката поделеност и безбедносниот хаос во земјата.