Necva Taştan Sevinç
13 Октомври 2026•Ажурирано: 13 Октомври 2026
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја повика Европската Унија (ЕУ) да развие долгорочни мерки за справување со високите цени на енергијата, предупредувајќи дека Европа ризикува и натаму да се потпира на итни мерки, јавува Анадолу.
Говорејќи на собирот на деловното здружение „Асоломбарда“ во Милано, Мелони повика на „структурни и долгорочни решенија“ и рече дека на состанокот на Европскиот совет в четврток ќе го подигне прашањето за флексибилноста, објави италијанската новинска агенција АНСА.
Таа го опиша својот предлог како „едноставен предлог заснован на здрав разум, но и на одговорност“.
Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц и белгискиот премиер Барт Де Вевер испратија и заедничко писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во кое ги поврзаа трошоците за енергија и поедноставувањето на регулативите со индустриската конкурентност.
Според Кабинетот на италијанската премиерка, лидерите повикале на забрзување на инвестициските постапки во приоритетните сектори, меѓу кои енергетиката и дигитализацијата, запирање на воведувањето нови бирократски оптоварувања и намалување на барањата за корпоративно известување за одржливоста, особено за малите и средните претпријатија.
Мелони го критикуваше и системот на ЕУ за тргување со емисии, наведувајќи дека тој ги зголемува цените, создава разлики меѓу земјите членки и им штети на компаниите.
Во меѓувреме, италијанската заменик-министерка за животна средина, Ванија Гава, го повика Советот на ЕУ за животна средина, на состанокот во Луксембург, да ја разгледа можноста за суспендирање на воведувањето на системот ЕТС 2 на ЕУ. Станува збор за посебен систем за тргување со емисии, воспоставен од Европската Унија, кој ги опфаќа директните емисии на јаглерод диоксид од фосилните горива што се користат во патниот сообраќај, зградите, односно за греење, и малите индустриски сектори. Според наводите, системот треба да ги опфати патниот сообраќај и зградите од 2028 година.
Еврокомесарот за клима Вопке Хукстра изјави дека Европската комисија не планира да го менува утврдениот временски распоред.
За време на посетата на Рим, еврокомесарот за правда Мајкл Мекграт рече дека Комисијата тесно соработува со владите за да обезбеди флексибилност во справувањето со растечките трошоци за живот и енергетската криза, притоа зачувувајќи ја фискалната одржливост.