Aysu Biçer
19 Мај 2025•Ажурирај: 20 Мај 2025
ЛОНДОН (АА) – Британскиот премиер Кир Стармер, претседателот на Европскиот совет, Антониo Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен остро ја осудија тековната израелска воена офанзива во Газа на заедничката прес-конференција по самитот Велика Британија – ЕУ денес, јавува Анадолу.
Стармер ги нарече израелските напади врз Појасот Газа „неприфатливи и неподносливи“ и нагласи дека е неопходна координирана меѓународна реакција.
„Затоа работиме интензивно на координација со светските лидери за тоа како да одговориме на ситуацијата“, рече тој.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го повтори повикот за итен прекин на насилството, истакнувајќи:
„Израел мора да престане веднаш, сега. А ние, како меѓународна заедница, мора да помогнеме во градењето на решението со две држави.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди на тешката хуманитарна состојба во Газа.
„Хуманитарната ситуација во Газа е неприфатлива веќе два месеца – нема влез на основни хуманитарни средства. Помошта мора веднаш да стигне до цивилите, а блокадата на Газа мора да се укине сега бидејќи хуманитарната помош никогаш не смее да биде политизирана“, рече таа.
Фон дер Лајен повика и на обновување на дипломатските напори за ставање крај на конфликтот:
„Повикуваме на обновување на прекинот на огнот и итно ослободување на заложниците за конечно да се постигне траен крај на непријателствата. Убедени сме дека единствено решение е решението со две држави – за тоа е потребна и функционална палестинска управа. Ја поддржуваме и финансираме палестинската управа“, додаде таа.