Lina Altawell
30 Октомври 2026•Ажурирано: 30 Октомври 2026
Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид денес изјави дека премиерот Бенјамин Нетанјаху „нема начин“ да формира Влада по парламентарните избори одржани оваа недела, додека ривалските политички табори ги интензивираа напорите за составување владејачка коалиција, пренесува Анадолу.
Израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН синоќа објави дека пребројувањето на гласовите е завршено, при што блокот на Нетанјаху освоил 53 места, опозицискиот блок „Промена“ 48, а арапските партии 19 во Кнесетот, кој има 120 пратеници.
Ниту еден од двата главни блока не го достигна прагот од 61 пратеничко место потребен за парламентарно мнозинство. Се очекува конечните резултати да бидат објавени на 4 ноември, по завршувањето на постапките за верификација.
„Тоа е сè што има. Што и да се обиде, нема начин да формира Влада“, напиша Лапид на американската платформа за социјални медиуми Х, осврнувајќи се на 53-те пратенички места на Нетанјаху.
Тој истакна дека блокот на премиерот во заминување имал 68 пратенички места во претходниот состав на Кнесетот, оценувајќи го изборниот резултат како голем удар.
Лапид, исто така, ја истакна излезноста од 77,7 проценти, највисока од 1999 година, и го опиша настапот на опозицијата како „победа на поени“, а не како „нокаут“.
„Сега следува навистина тешкиот дел: обидот да се формира Влада“, рече тој.
„Формирањето Влада е сосема спротивно. Тоа се случува во мали простории, полека, подалеку од камерите“, додаде тој, осврнувајќи се на разликата меѓу изборната кампања и коалициските преговори.
„Ќе биде тешко. Немам никакви гаранции“, рече Лапид, повикувајќи ги поддржувачите да останат трпеливи.
- Ривалските партии ги разгледуваат коалициските можности
Одделно, лидерот на екстремно десничарската партија „Еврејска моќ“, Итамар Бен-Гвир, вчера се сретна со Нетанјаху за да разговараат за напорите за зачувување на десничарската Влада, објави израелскиот дневен весник „Једиот ахронот“.
Од партијата „Еврејска моќ“ соопштија дека двајцата имале долги разговори за спречување на формирањето на, како што ја опишаа, левичарска Влада поддржана од арапските партии.
Во меѓувреме, лидерот на партијата „Демократи“, Јаир Голан, ги повика лидерите на блокот „Промена“ да ги преиспитаат своите ставови во врска со соработката со арапските партии.
Голан вчера се сретна со лидерот на Обединетата арапска листа (Раам), Мансур Абас, во рамките на напорите за забрзување на формирањето алтернативна Влада.
Тој претходно ја поддржа можноста Раам да биде дел од идна коалиција, додека лидерот на партијата „Израел Бејтену“, Авигдор Либерман, се противи на формирање Влада во која би учествувале арапските партии.
Заедно, блокот „Промена“ и арапските партии имаат 67 пратенички места, што е доволно за парламентарно мнозинство.
Сепак, арапските партии не се формално дел од блокот „Промена“, а несогласувањата меѓу опозициските лидери околу соработката со нив и натаму претставуваат пречка за формирање Влада без Нетанјаху.