Islam Uddin
26 Мај 2026•Ажурирано: 26 Мај 2026
Кина денес ги повика сите страни да се вратат на дијалогот и да ги почитуваат преземените обврски за прекин на огнот, по известувањата за нови американски воени напади врз Иран, пренесува Анадолу.
На прашањето за тврдењето на американската Армија дека извршила нови напади насочени кон иранските ракетни бази и бродови кои наводно се подготвувале да постават мини, портпаролката на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг, изјави дека Кина верува оти споровите треба да се решаваат по мирен пат, а не со ескалација, објави државниот весник „Глобал тајмс“ .
„Кина ги повикува засегнатите страни да ги почитуваат преземените обврски за прекин на огнот, да останат посветени на решавање на споровите по мирен пат и да ги продолжат дијалогот и преговорите. Целта е да се најде решение со кое ќе се земат предвид легитимните интереси на сите страни и ќе се овозможи што побрзо враќање на мирот во регионот на Персискиот Залив и на поширокиот Блиски Исток“, изјави таа за новинарите во Пекинг.
Таа ги повика САД и Иран да ги решат меѓусебните недоразбирања по мирен пат и да придонесат за враќање на стабилноста на Блискиот Исток.
Мао рече дека Кина одржува блиска комуникација со засегнатите страни, вклучително и со Иран, од избувнувањето на борбите и дека работи на тоа да помогне да се стави крај на конфликтот и да се врати мирот.
„Ќе продолжиме да дејствуваме во духот на сеопфатниот предлог на претседателот Си Ѓингпинг и ќе одиграме позитивна улога во обновувањето на мирот и спокојството на Блискиот Исток“, изјави таа.
Мао го повтори долгогодишниот став на Кина во корист на политичко решение на нуклеарниот спор, нагласувајќи ја важноста од зачувување на глобалниот режим за неширење на нуклеарното оружје и регионалната безбедност.
САД вчера соопштија дека извршиле серија напади во јужниот дел на Иран, кои ги опишаа како акции за „самоодбрана“, а чија цел биле ракетни лансери и чамци за кои постои сомневање дека поставувале мини.