Saadet Gökce
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Кина денес го истакна значењето на дипломатските решенија за ставање крај на вооружените конфликти на Блискиот Исток, во време кога се очекува делегации од Соединетите Американски Држави (САД) и Иран да се сретнат на преговори во Пакистан, јавува Анадолу.
Одговарајќи на прашање на Анадолу за ситуацијата во Либан, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, ги повика засегнатите страни да ги решат споровите преку политички и дипломатски канали.
Таа побара прекин на судирите, како и враќање на мирот и стабилноста на Блискиот Исток.
Израел ги засили своите напади врз Либан во ек на тековните дипломатски напори поврзани со двонеделниот прекин на огнот објавен во вторникот вечерта од страна на САД и Иран.
Иако пакистанските посредници и Техеран изјавија дека прекинот на огнот го опфаќа и Либан, Вашингтон и Тел Авив го негираа тоа.
Според иранската новинска агенција „Фарс“, Иран нема план да присуствува на мировните преговори со САД сè додека Израел не престане со бомбардирањето на Либан.
Непријателствата во регионот ескалираа откако САД и Израел на 28 февруари започнаа заеднички напади врз Иран, како последица на кои загинаа и повредени се илјадници лица.
Вашингтон и Техеран во вторникот вечерта ја соопштија одлуката за двонеделен прекин на огнот кој е со цел да се отвори патот кон конечно решение за ставање крај на војната.