Andrew Wasike
06 Октомври 2026•Ажурирано: 06 Октомври 2026
Кенија го потврди својот прв случај на ебола откако еден кениски државјанин, кој живеел во Демократска Република Конго, почина по пристигнувањето во Најроби, изјави денес министерот за здравство Аден Дуале, јавува Анадолу.
„Министерството за здравство сака да ја информира јавноста дека е потврден првиот случај дојден однадвор на болеста предизвикана од вирусот ебола, сојот бундибуџо“, рече Дуале.
Според Министерството за здравство, мажот живеел во Конго во изминатите седум години и се разболел околу еден месец пред да се врати во Кенија. Тој се лекувал во неколку здравствени установи во Конго пред да патува по копнен пат до соседна Уганда.
Подоцна, тој со авион на компанијата „Џамбоџет“, со 23 патници, отпатувал од Уганда за Кенија и слетал на Меѓународниот аеродром „Џомо Кенијата“ во Најроби околу 13:10 часот по локално време во саботата, на 3 октомври.
Пациентот поминал низ рутинска здравствена проверка на аеродромот пред да продолжи кон имиграциската контрола, соопшти Министерството.
Потоа, роднини и пријатели го одвеле директно од аеродромот во болницата во Најроби, каде што веднаш бил сместен во изолација.
Пациентот подоцна со тестирањето излегол позитивен на сојот бундибуџо на вирусот ебола и починал.
- Идентификувани 28 лица со кои имал контакт -
Здравствените власти идентификуваа 28 лица кои биле во контакт со починатиот, вклучувајќи членови на семејството и здравствени работници, додека официјалните лица преземаат мерки за спречување на понатамошно ширење на болеста.
Патувањето на пациентот низ Конго и Уганда, неговиот комерцијален лет до Најроби и последователниот контакт со роднини и медицински персонал сега се дел од владината операција за следење на контактите.
Кенија веќе го имаше зајакнато надзорот над болеста на аеродромите и копнените гранични премини како одговор на епидемијата на ебола во Конго, вклучувајќи мерки за подобрување на скринингот, лабораториските капацитети и подготвеноста на здравствените установи.
Еболата се пренесува преку директен контакт со крв или други телесни течности на заразено лице или преку контаминирани материјали.
Здравствените власти ги следат идентификуваните лица за појава на симптоми, додека надзорот продолжува по потврдувањето на првиот случај во земјата.