Giada Zampano
09 Јуни 2026•Ажурирано: 09 Јуни 2026
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, денес ги осуди изјавите на израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир како „неприфатливи“, кој упати критики кон Рим откако дозна дека против него се води истрага за начинот на кој биле третирани активистите притворени за време на израелскиот упад на хуманитарната флотила за Газа, јавува Анадолу.
„Ова се неприфатливи зборови, недостојни за еден министер“, изјави Тајани, мислејќи на коментарите на израелскиот министер од крајната десница. „Италија е пријател на Израел што отсекогаш ги брани слободата и демократијата“, додаде Тајани, нагласувајќи дека зборовите на Бен-Гвир „го покажуваат моралниот капацитет на овој господин“.
Римските обвинители поведоа истрага против Бен-Гвир во врска со начинот на кој се третирани италијанските државјани, притворени за време на пресретнувањето на флотилата, соопштија италијанските медиуми.
Оваа постапка е дел од пошироката истрага што веќе неколку недели се води за интервенцијата на израелските власти врз активистите — меѓу кои и Италијанци — во рамките на која обвинителите ги разгледуваат наводите за тортура и киднапирање.
Против Бен-Гвирпо се води истрага поради видеото што го објави по приведувањето на активистите минатиот месец, јави италијанската новинска агенција АНСА.
Реагирајќи на обвинувањата, Бен-Гвир на платформите за социјални медиуми напиша дека Италија, која поради обликот е позната како „Чизма“, станала „флип-флоп земја“ (земја која постојано менува ставови).
„Нема да отстапам пред ниедна истрага и ќе продолжам со гордост да стојам зад нашите борци“, изјави тој во посебно соопштение.
Израелската затворска служба ги демантираше обвинувањата на активистите дека биле малтретирани за време на притворот.
Случајот привлече пошироко европско внимание. Италија е втора земја во Европа што отвори официјална истрага за израелскиот третман на притворените активисти откако минатата недела Франција поведе постапка за наводи за воени злосторства и тортура.
Европската Унија (ЕУ) размислува дали да воведе санкции за Бен-Гвир во ек на зголемен гнев поради израелскиот третман на активистите и бранот насилство на окупираниот Западен Брег. Одлуката се очекува во понеделник.