Asiye Latife Yılmaz
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Иранскиот преговарачки тим не пристигна во пакистанската престолнина Исламабад и нема план да учествува во мировните преговори со Соединетите Американски Држави (САД) сè додека Израел не престане со бомбардирањето на Либан, објави иранската новинска агенција „Фарс“, повикувајќи сe на добро информиран извор, пренесува Анадолу.
Новинската агенција ги демантираше известувањата на некои американски медиуми дека иранска делегација веќе пристигнала во Исламабад.
Повикувајќи се на неименуваниот извор, агенцијата тврди дека Иран официјално ги известил пакистанските власти дека нема да биде дел од мировните разговори со САД во Пакистан додека не се постигне прекин на огнот во Либан.
Претходно, весникот „Волстрит журнал“ објави дека иранска делегација пристигнала во Исламабад за да ги започне преговорите со Вашингтон.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, исто така изјави дека какви било преговори насочени кон ставање крај на војната меѓу Иран, САД и Израел, ќе зависат од тоа дали Вашингтон ќе ги почитува обврските од договорот за прекин на огнот на сите фронтови, а особено во Либан.
Најновиот развој на настани се одвива во време кога израелските напади врз Либан се интензивираат и покрај тековните дипломатски напори поврзани со двонеделниот прекин на огнот, кој беше објавен во вторникот вечерта од страна на САД и Иран, со посредство на Пакистан.
Иако пакистанските посредници и Техеран изјавија дека прекинот на огнот го опфаќа и Либан, Вашингтон и Тел Авив го негираа тоа.
Израелската армија ги засили нападите низ Либан од средата, при што загинаа најмалку 303 лица, а повредени се 1.150, според податоците на либанската Цивилна заштита.
Како последица на проширената израелска офанзива врз Либан, која започна на 2 март, досега животот го загубија 1.888 лица, додека 6.092 се повредени, покажуваат податоците на либанското Министерство за здравство.