Islam Uddin
08 Април 2026•Ажурирај: 08 Април 2026
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес потврди дека Техеран ќе учествува на претстојните преговори со Соединетите Американски Држави (САД) во Исламабад, јавува Анадолу.
„За време на телефонскиот разговор со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој траеше 45 минути, претседателот Пезешкијан му се заблагодари на Шариф и му кажа дека ги цени напорите на пакистанското раководство за воспоставување привремен прекин на огнот меѓу Иран и САД“, се наведува во официјалното соопштение издадено од Кабинетот на премиерот.
„Тој потврди дека Иран ќе учествува во преговорите во Исламабад“, се вели во соопштението.
Шариф изрази благодарност за одлуката на Иран да се согласи на прекин на огнот и да ја прифати понудата на Пакистан да биде домаќин на разговорите кон крајот на оваа недела.
Тој, исто така, му изрази почит на иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи.
Форматот на разговорите сè уште не е познат, но владини извори во Исламабад за Анадолу изјавија дека шефот на пакистанската дипломатија, Ишак Дар, ќе ја претставува пакистанската страна.
Шариф претходно ја соопшти одлуката за двонеделниот прекин на огнот и ги покани делегациите на САД и Иран во Исламабад в петок „за понатамошни преговори за постигнување конечен договор за решавање на сите спорови“.
Трамп синоќа објави дека се согласил „да ги прекине бомбардирањата и нападите врз Иран во период од две недели“.
Тој ја соопшти својата одлука помалку од два часа пред крајниот рок што му го постави на Иран за повторно отворање на Ормускиот Теснец и прифаќање на договорот, предупредувајќи дека во спротивно, земјата ќе се соочи со она што тој го опиша како уништување на „цела една цивилизација“.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега загинаа над 1.400 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што има американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата и нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.