Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
23 Февруари 2025•Ажурирај: 25 Февруари 2025
ХАМИЛТОН (АА) - Сѐ поголем број Канаѓани ја поддржуваат петицијата со која се бара од премиерот Џастин Трудо да му го одземе канадското државјанство на претприемачот, милијардерот Илон Маск, јавува Анадолу.
Петицијата, покрената од Квалија Рид, жител на Британска Колумбија, и поддржана од пратеникот на Нова демократска партија (НДП), Чарли Ангус, тврди дека Маск „е ангажиран во активности кои се против националниот интерес на Канада“.
Истакнувајќи дека Маск, клучен советник на американскиот претседател Доналд Трамп, „го искористил своето богатство и моќ за да влијае на нашите избори“, во петицијата се тврди дека Маск е „член на странска влада која се обидува да го избрише канадскиот суверенитет.“
„Ние, долупотпишаните граѓани на Канада, го повикуваме премиерот да му го одземе статусот на двојно државјанство на Илон Маск и веднаш да му го одземе канадскиот пасош“, се наведува.
Маск, роден во Јужноафриканската Република, стана Канаѓанец преку неговата мајка, која е родена во Саскачеван.
Над 52.100 Канаѓани ја потпишаа онлајн петицијата што ќе биде претставена во Долниот дом откако ќе заврши на 20 јуни.
Нема индикации дали владата ќе размисли за одземањето на државјанството на Маск.