Şeyma Erkul Dayanç
03 Јули 2026•Ажурирано: 03 Јули 2026
Околу 1.000 клима-уреди ќе бидат доставени до болниците низ регионот на Париз до крајот на неделата, додека Франција се подготвува за уште еден топлотен бран, објави телевизијата БФМ ТВ денес, пренесува Анадолу.
Одлуката е донесена откако француската Влада најави дека нарачала 30.000 клима-уреди за болниците низ целата земја, со цел да им помогне да се справат со идните топлотни бранови.
Додека ги чекаат испораките на Владата, болниците во регионот на Париз веќе започнаа со набавка на дополнителни клима-уреди.
„Сметам дека е многу важно и навистина неопходно за да се надмине вториот топлотен бран, особено доколку се случи во краток временски период“, изјави Емануел Рафу, раководител на одделот за хематологија во болницата „Сен Луј“, за БФМ ТВ.
„Нашите тела претрпеа многу, се обидуваат малку да закрепнат, а веројатно пациентите што се овде ќе доживеат и втор топлотен бран додека престојуваат во болницата“, додаде тој.
Температурите во некои болнички соби достигнаа и до 32 Целзиусови степени за време на топлотниот бран минатата недела, што ги натера јавните болници во Париз итно да набават дополнителни клима-уреди.
Мрежата на јавни болници во Париз (AP-HP) соопшти дека распоредила и купила 800 клима- уреди во периодот меѓу крајот на летото 2025 и средината на 2026 година, а набавила уште 1.000 за помалку од една недела.
Од AP-HP се надеваат дека ќе бидат обесштетени од Владата по нејзината национална нарачка од 30.000 клима-уреди за болниците.
Неколку дена Франција се соочуваше со исклучително високи температури, при што многу региони забележаа температури над 35 Целзиусови степени, што доведе до зголемена побарувачка за уреди за ладење.