Rabia İclal Turan
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Двајца авиотехничари кои служат во израелската армија ќе бидат обвинети за шпионирање во корист на Иран, известија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Израелскиот јавен сервис КАН објави дека осомничените биле припадници на Израелските воздухопловни сили и работеле како техничари за авионите Ф-15 во воздухопловната база „Тел Ноф“, во близина на градот Ашдод.
Се наведува дека тие се товарат за „помагање на непријателот за време на војна“, при што еден од осомничените би можел да се соочи и со обвиненија за предавство. Дополнително, уште осум други војници во базата се под истрага поради сомневање дека не ги пријавиле наводните активности иако биле запознаени со нив.
Според известувањето на медиумот, од осомничените наводно било побарано да собираат информации за министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и поранешниот началник на Генералштабот, Херци Халеви.
Тие, исто така, се товарат за обезбедување документи поврзани со шеми за мотори на израелски авиони, како и фотографија од инструктор по летање.