Mohamed Majed,Gülşen Topçu
26 Август 2024•Ажурирај: 28 Август 2024
ГАЗА (АА) - Откако израелската армија донесе одлука за евакуација на областите источно од Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа, Палестинците почнаа да ја евакуираат болницата „Загинати херои на Ал Акса“ и нејзината околина, известува Анадолу.
Портпаролот на израелската армија, Авичај Адрае, побара областа источно од градот Деир Балах да се евакуира и жителите од областа да одат на запад, по што Палестинците повторно излегоа на патиштата.
Болните и повредените во болницата „Загинати херои на Ал Акса“, исто така, беа принудени да ја напуштат болницата пешки, во инвалидски колички или во кревети за пациенти.
Умму Мухамед, која има скршена нога, зборувајќи за очајот што го преживуваат, рече:
„Евреите рекоа испразнете ја болницата. Болни сме, каде да одиме во ваква состојба? Ова не е живот. Ние, всушност, сме мртви.“
Наведувајќи дека веќе девет месеци живеат во шаторот што го поставиле околу болницата „Загинати херои на Ал Акса“, дека повеќепати заминувале, но секојпат повторно се враќале во болницата, Меха ес-Серсек рече дека луѓето се шокирани од израелската одлука за евакуација и не знаат каде да одат.
Истакнувајќи дека веќе не останало место што ќе ги заштити, Сершек рече дека било изведено гранатирање на блокот 128 во близина на болницата и дека повеќе не се безбедни.
Сершек низ солзи се пожали: „Спасете нѐ, веќе сме уморни.“
Директорот на болницата „Загинати херои на Ал Акса“, Ијад ал-Џебри, на прес-конференцијата рече дека по одлуката за евакуација на блокот 128, кој е дел од болницата, повредените и пациентите на кои им треба лекарски третман и медицинските тимови ја напуштиле болницата поради страв за своите животи.
Зборувајќи дека тие, како управа на болницата, ќе продолжат да им ги обезбедуваат потребните медицински услуги на пациентите, Џебри ги повика меѓународните институции да преземат акција за заштита на болницата „Загинати херои на Ал Акса“, единствена преостаната болница во регионот.
Од друга страна, Министерството за здравство во Газа преку писмено соопштение побара заштита на болницата „Загинати херои на Ал Акса“, нејзините пациенти и здравствените работници.
Во соопштението се наведува дека во болницата сѐ уште има околу 100 пациенти, од кои седум се лекуваат на интензивна нега.