Elena Teslova
16 Септември 2026•Ажурирано: 16 Септември 2026
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Русија двапати се обидела со беспилотни летала да го гаѓа неговиот претседателски авион во последните неколку недели, додека тој патувал преку Молдавија, пренесува Анадолу.
„Мојот претседателски авион беше во Молдавија и затоа ја нападнаа Молдавија. Кога се враќавме дома, повторно преку Кишињев, го направија истото тоа“, рече Зеленски во интервју за „Си-би-ес њус“ објавено вчера.
Зеленски се осврна на инцидентите со беспилотни летала во молдавскиот воздушен простор за време на неговите две неодамнешни патувања преку Кишињев. Тој не даде дополнителни детали за наводните обиди да биде погоден неговиот авион.
На 9 септември, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе изјави дека авионот на Зеленски „за малку“ ќе бил погоден од беспилотно летало при полетувањето од Молдавија кон Осло, каде што украинскиот претседател присуствуваше на погребот на норвешкиот крал Харалд V. Сторе не даде детали за инцидентот.
Молдавските власти подоцна соопштија дека воздушниот простор на земјата бил привремено затворен откако беспилотно летало влегло во воздушниот простор, што предизвикало доцнење на неколку летови.
Во тој момент авионот на Зеленски бил на земја. Беспилотното летало подоцна се урнало на околу 160 километри од Меѓународниот аеродром во Кишињев, по што ограничувањата биле укинати и авионот на Зеленски полетал.
Извор од Кабинетот на украинскиот претседател ги опиша како „претерани“ тврдењата дека Зеленски бил во опасност.
Зеленски за „Си-би-ес њус“ изјави дека едно или две беспилотни летала исто така влегле во молдавскиот воздушен простор за време на неговото враќање во Украина неколку дена подоцна.
„Си-би-ес њус“ наведе дека вториот инцидент претходно не бил објавен.