İlayda Çakırtekin, Medina Choreska
12 Ноември 2026•Ажурирано: 12 Ноември 2026
Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес ја истакна потребата Европа да стане редовен учесник во мировните преговори и потврди дека неодамнешните разговори биле сериозни, јавува Анадолу.
„Мора да се погрижиме Европа да стане редовен дел од овие преговори. Според тоа што го слушнав од нашата делегација, преговорите биле сериозни, а не празни“, изјави Зеленски на отворањето на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин.
Тој го истакна значењето на договорот за размена на воени заробеници меѓу Москва и Киев, постигнат по дводневните мировни разговори меѓу Русија и Украина, со посредство на САД, во Абу Даби, главен град на Обединетите Арапски Емирати.
Зеленски истакна дека за време на средбата опширно се разговарало и за безбедносните гаранции, повикувајќи ја Европа да му посвети поголемо внимание на ова прашање.
„Кога Американците и Русите разговараат за ова, не станува збор само за безбедносните гаранции за Украина. Всушност, повеќе станува збор за некаква нова безбедносна рамка меѓу Европа и Русија, а овој пристап нам ни изгледа малку чуден“, рече тој.
Зеленски додаде дека приоритетите на Украина остануваат непроменети, нагласувајќи дека на земјата ѝ се потребни ракети за системите за противвоздушна одбрана.
„Ве повикувам ова да го сфатите многу сериозно и да ни помогнете да ги обезбедиме овие ракети“, рече тој.
Зеленски ја нагласи и потребата на Украина од борбени авиони Ф-16 и муниција, како и од поддршка за нејзината енергетска инфраструктура пред зимата.