Islam Uddin
02 Јуни 2026•Ажурирано: 02 Јуни 2026
Звуците на тропање, кои даваат надеж дека се живи двајцата мажи заробени во поплавената пештера во централниот дел на Лаос, ги мобилизираа спасувачите, објавија денес државните медиуми, пренесува Анадолу.
Според весникот „Виентијан тајмс“, шефот на тајландскиот спасувачки тим, Кенгкај Бонгкавонг, изјави дека тимовите лоцирале вертикален отвор кој најверојатно води блиску до четвртата и петтата комора од пештерата, каде што се претпоставува дека се засолнети исчезнатите мажи.
„Звуците се слушнаа од долу и не изгледаа како ехо, што ја зголемува надежта дека заробените мажи можеби одговориле на сигналите“, рече Бонгкавонг.
Откритието следуваше по сателитско мапирање и теренски истражувања спроведени во текот на неколку дена.
„Вчера, кога испративме звучни сигнали со тропање, добивме одговор во форма на звуци кои наликуваа на гребење по карпи. Но денес, одговорите беа јасни звуци на тропање – за кои првичните процени покажаа дека воопшто не станува збор за некаква рефлексија или ехо“, изјави тој.
Во операцијата, во која се вклучени лаошки, тајландски и меѓународни специјалисти, веќе се спасени петмина селани кои останаа заробени откако, според извештаите, влегле во пештерата на 20 мај во потрага по златна руда во провинцијата Сајсомбун, кога поројните поплави го затворија влезот. Спасените мажи изјавија дека преживеале со ограничена храна и филтрирана пештерска вода додека чекале помош.
Тајландскиот експерт за нуркање во пештери, Норасет Паласинг, рече дека информациите од преживеаните сугерираат дека исчезнатите лица би можеле сè уште да се живи во сувите комори подлабоко во пештерскиот систем.
Спасувачката акција, која беше привремено прекината поради силните дождови, продолжи вчера, при што тимовите навлегоа уште подлабоко во тесните поплавени премини.
Повеќе од 100 спасувачи продолжуваат да работат во тешки услови додека семејствата со нетрпение чекаат вести за двајцата мажи.