Melike Pala
12 Октомври 2026•Ажурирано: 12 Октомври 2026
Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) усвоија речиси 1.600 нови ставки на листата со санкции насочени кон рускиот воено-индустриски комплекс, соопшти денес шефицата за надворешна политика на Унијата, Каја Калас, пренесува Анадолу.
Во изјава преку американската платформа на социјални мрежи X, Калас овој потег го опиша како „најголемо проширување“ на листата на санкции на ЕУ од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.
„Повеќе од половината се поврзани со синџирот на производство на балистички ракети. Значително го отежнуваме, забавуваме и поскапуваме производството на оружје што Русија го користи за убивање Украинци“, рече таа.
Одделно, Европскиот совет објави дека одлучил да ја продолжи рамката за санкции насочени кон ширењето и употребата на хемиско оружје за период од пет години, односно до 30 октомври 2031 година.
Советот исто така ја продолжи важноста на поединечните ставки на листата на санкции во рамките на овој механизам за една година, до 30 октомври 2027 година.
Според соопштението, рестриктивните мерки моментално се однесуваат на 31 поединец и шест правни субјекти.
За лицата и субјектите на листата важи мерката за замрзнување на имотот, а на граѓаните и компаниите од ЕУ им е забрането директно или индиректно да им ставаат на располагање финансиски средства или економски ресурси.
За наведените поединци важи и забрана за патување во ЕУ.