Mohammad Sio
13 Октомври 2026•Ажурирано: 13 Октомври 2026
Емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, денес повика на утврдување одговорност за тековниот геноцид што Израел го врши во Појасот Газа од октомври 2023 година, јавува Анадолу.
„Она што се случи во Појасот Газа несомнено претставува геноцид и не смее да им се дозволи на неговите сторители да ја избегнат одговорноста“, рече Тамим во обраќањето со кое ја отвори 55-тата годишна сесија на Советодавното собрание на Катар во Доха.
Катар има посредничка улога во напорите за ставање крај на израелската војна во Газа.
Според палестинските власти, Израел од октомври 2023 година убил повеќе од 74.000 Палестинци и ранил над 175.000 во Газа, од кои повеќето се жени и деца, додека околу 90 отсто од инфраструктурата во енклавата се оштетени или уништени.
Во ноември 2024 година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за приведувањe на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Меѓународниот суд на правдата (МСП), главниот судски орган на ОН, исто така ја разгледува тужбата поднесена од Јужна Африка, на која ѝ се приклучија неколку земји, во која Израел се обвинува за геноцид врз Палестинците во Газа.
„Ќе продолжиме да работиме со нашите браќа и со нашите меѓународни и регионални партнери за да ја одржиме стабилноста и безбедноста во нашиот регион“, додаде катарскиот емир.
Катар, Египет и Турција посредуваа во постигнувањето договор за прекин на огнот во Газа, кој стапи во сила на 10 октомври 2025 година, како дел од планот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.
И покрај договорот, Израел продолжи со геноцидот, при што загинаа 1.493 Палестинци, а 5.299 беа повредени, од кои повеќето жени и деца, според Министерството за здравство во Газа.
Израел, исто така, продолжи да го ограничува влезот во Газа на договорените количества храна, лекови, медицински материјали, материјали за засолништа и монтажни куќи. Во енклавата живеат околу 2,4 милиони Палестинци, меѓу кои приближно 2,15 милиони раселени лица, во услови на тешка хуманитарна криза.