Şeyma Erkul Dayanç
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
Според новата процена на Европската агенција за хемикалии (ЕЦХА), за која денес извести холандскиот медиум „НОС“, хемикалија што многу често е присутна во водата за пиење може да предизвика поголеми здравствени ризици од претходно проценетите, пренесува Анадолу.
Од ECHA наведуваат дека трифлуорооцетната киселина (TFA), супстанција што се користи во пестицидите и системите за климатизација, може да им наштети на неродените деца и негативно да влијае врз репродукцијата.
Агенцијата, исто така, ја класифицираше оваа хемикалија како „тешко разградлива, лесно пренослива и токсична“, предупредувајќи дека би можела да придонесе за долгорочно загадување на водата.
„Ова сознание е ново“, изјави токсикологот Јакоб де Бур за „НОС“.
„И претходно имаше студии што укажуваа во оваа насока, но ЕЦХА спроведе поголемо истражување“, рече тој, опишувајќи ги наодите како „загрижувачки сигнали“ на кои треба да им се посвети внимание.
ТФА долго време се сметаше за помалку штетна во споредба со многу други соединенија ПФАС и покрај зголемената загриженост меѓу еколошките групи и научниците.
Холандскиот национален институт за јавно здравје и животна средина (РИВМ) соопшти дека веќе бил запознаен со ризиците идентификувани од ЕЦХА и новата класификација ја опиша како важен чекор кон пошироко меѓународно признавање на овој проблем.
Оваа процена може да влијае врз тековните дискусии во рамките на ЕУ за можните ограничувања на хемикалиите ПФАС.
ПФАС се група синтетички хемикалии што често се нарекуваат „вечни хемикалии“ бидејќи многу бавно се разградуваат во животната средина.
ТФА се користи во некои пестициди и системи за климатизација и може да навлезе во резервите на вода за пиење бидејќи лесно се раствора во вода.