Tuba Şahin
15 Април 2021•Ажурирај: 16 Април 2021
АНКАРА (АА)
- Туба ШАХИН
Претседателот на Одборот за надворешни економски односи (ДЕИК), Наил Олпак, нагласи дека претседателот на Владата на национално единство на Либија, Абдулхамид Дибејбе, истакнал дека во многу сериозни проекти сакаат да работат со турските компании, и дека е можно да има нови договори во областа на енергетиката и здравството, јавува Агенција Анадолија (АА).
Олпак во изјава за новинарот на АА ја оцени посетата на Дибејбе на Турција.
Тој нагласи дека тоа што Дибејбе дошол со голема делегација, е показател на вредноста што им ја придава на односите помеѓу двете земји, и на поддршката и блискиот пристап на Турција кон Либија кои почнаа да се одразуваат и во трговските и економските односи.
Според него, изјавите на Дибејбе по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се полни со надеж за турскиот бизнис-свет.
Олпак подвлече дека поради тоа што Дибејбе доаѓа од бизнис-светот, на настаните пристапува на попрагматичен начин.
Тој истакна дека премиерот Дибејбе ветил дека ќе се движат брзо во насока на целосното укинување на визите и потпишување на договори за слободна трговија помеѓу двете земји.
Олпак го цитира Дибејбе, кој рекол: „Знаете дека минуваме низ тежок период. Свесни сме за сѐ. Ние не сакаме само да се комплетираат проектите кои останаа незавршени, бидејќи тие ќе ги завршите, но пред нас стојат други проекти кои се многу сериозни. Ние, пред сѐ, сакаме да работиме со Турција во оваа насока бидејќи со вас имаме многу долго минато, и тоа треба да продолжи и врз основа на проекти. Само да бидеме свесни дека на скалилата треба да се качуваме чекор по чекор.“
Како што рече тој, двете страни сакаат и во Либија да се одржи слична хибридна тркалезна маса како одржаната во Турција.
Според него, трговскиот обем помеѓу двете земји минатата година надминал 3 милијарди долари, но, како што истакна тој, трговските односи со Либија не треба да се гледаат само од аспект на секторот на градежништво.
Олпак нагласи дека оваа земја поседува можности во енергетскиот сектор, и рече: „Либија има сериозен енергетски дефицит, има прекини на електрична енергија. Потоа има сериозни потреби во врска со нафтата, вклучувајќи и [потреба од] рафинерија.“
Тој рече дека минуваат низ процес кога се забележува реципроцитетот на поддршката и блискиот пристап на Турција кон Либија.
„Покрај тоа што е веќе потпишано во Анкара, постојат и други договори кои се дојдени до фаза на потпишување во областа на производството на енергија. Постојат други протоколи во врска со изградба на централи кои ќе се потпишат во наредните две недели“, додаде тој.
Олпак нагласи дека Либија има потреба и од инвестиции во областа на здравството, нагласувајќи дека во рамки на посетата е разговарано и за изградба и управување на болници.
Инаку, по тет-а-тет и меѓуделегациската средба на Ердоган и Дибејбе на 12 април во Претседателската палата во Турција беа потпишани пет договори помеѓу двете земји.