свет

Дигиталната ера ги зајакнува парасоцијалните односи, сѐ повеќе корисници развиваат еднострана емоционална поврзаност

Терминот, кој со децении беше присутен главно во академските кругови, денес влегува во пошироката јавна употреба благодарение на социјалните мрежи, стриминг-платформите...

Aynur Şeyma Asan, Dilara Karataş  | 08.01.2026 - Обновена : 08.01.2026
Дигиталната ера ги зајакнува парасоцијалните односи, сѐ повеќе корисници развиваат еднострана емоционална поврзаност

АНКАРА/ИСТАНБУЛ (AA) – Како што дигиталните платформи сѐ повеќе ги „замаглуваат“ границите меѓу јавните личности и нивната публика, парасоцијалните односи, еднострана емоционална поврзаност со луѓе кои корисниците никогаш не ги запознале, стануваат поинтензивни, пораспространети и економски помоќни, велат експертите, јавува Анадолу.

Терминот, кој со децении беше присутен главно во академските кругови, денес влегува во пошироката јавна употреба благодарение на социјалните мрежи, стриминг-платформите и содржини водени од алгоритмот кои создаваат постојано чувство на интимност меѓу фановите и славните личности, инфлуенсерите, па дури и чет-ботовите со вештачка интелигенција.

„Парасоцијален“ беше избран за збор на 2025 година од речникот Кембриџ, иако самиот концепт датира уште од 1956 година, кога истражувачите Доналд Хортон и Ричард Вол првпат забележале дека телевизиската публика развива чувство на блискост со медиумските личности.

Денес, постојаниот пристап до интернет, личните објави и директните одговори создаваат илузија на блискост, правејќи ги овие врски пореални од кога било.

Примерите се движат од посветени К-поп фан заедници, преку следбеници на инфлуенсери, до силни емоционални реакции на приватни настани од животот на славните, како што беше реакцијата на фановите на американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт по нејзината свршувачка со НФЛ-играчот Тревис Келси.

- Конструирана интимност и емоционална инвестиција -

Мел Станфил, професорка на Универзитетот во Централна Флорида, за Анадолу изјави дека социјалните мрежи драматично ги засилиле парасоцијалните врски, претворајќи ја интимноста во стратешки производ.

„Особено во К-поп индустријата“, рече таа, „се пласира внимателно конструирано чувство на блискост, каде што јавните личности го мешаат професионалниот имиџ со курирани фрагменти од приватниот живот.“

„Оваа постојана изложеност ја продлабочува емоционалната вложеност на фановите и може да доведе до екстремна лојалност, а во некои случаи и до загрижувачко однесување“, рече Станфил.

Таа потсети на инциденти со скришно следење на К-поп идоли, како и на историскиот пример од 1981 година, обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Роналд Реган, мотивиран од опсесија со актерката Џоди Фостер.

Според неа, ваквите односи сѐ повеќе влијаат и врз економското однесување, претворајќи ја потрошувачката во симбол на лојалност и статус во рамките на фан-заедниците.

- Илузијата за реципроцитет ја зајакнува лојалноста на фановите -

Парасоцијалните врски влијаат врз секојдневниот живот, менталната благосостојба и навиките за трошење, и можат да се формираат не само со реални личности, туку и со фиктивни ликови и ВИ-аватари.

Гејл Стивер, истражувачка по медиумска психологија на Универзитетот „Емпаер стејт“ во Њујорк, за Анадолу изјави дека социјалните мрежи ја заматиле границата меѓу парасоцијалната и вистинската социјална интеракција.

„Она што се случи со појавата на социјалните медиуми е тоа што почнавме да навлегуваме во оваа сива зона каде што немаше баш социјална врска, бидејќи немавме пристап, а тие беа со повисок статус“, рече таа.

„Но, луѓето почнаа да добиваат одговори на социјалните медиуми од познати личности“, додаде таа.

„Таа перципирана реципрочност ја зајакнува лојалноста“, рече Стивер, „од која имаат корист уметниците и креаторите чии кариери сè повеќе зависат од активни и ангажирани групи на обожаватели.“

- Бенефити и ризици за менталната благосостојба -

Експертите нагласуваат дека парасоцијалните врски не се секогаш штетни. Во одредени случаи, тие нудат емоционална поддршка и механизми за справување.

Стивер наведе пример со пациент со канцер кој наоѓал утеха во музиката на пејачот Џош Гробан, опишувајќи ја таа врска како форма на емоционална сигурност без директна интеракција.

Ваквите врски можат да зајакнат заедница, да мотивираат патување и социјален ангажман и да им помогнат на луѓето да се справат со осаменоста или стресот.

Сепак, таа предупреди дека ваквите односи можат да станат нездрави, особено кај адолесцентите, кои поради интензивното доживување на емоциите и градењето на идентитетот, се поподложни на екстремни приврзаности.

Во некои случаи, таа ранливост може да доведе до нарушувања во исхраната, финансиски притисок од прекумерно трошење и социјална изолација.

Нагласи дека луѓето со постоечки ментални здравствени проблеми се особено ранливи и треба да добијат соодветна поддршка.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.