Islam Uddin
26 Јуни 2026•Ажурирано: 26 Јуни 2026
Повеќе од два милиона луѓе во западниот дел на Јапонија добија наредби за евакуација денес, бидејќи два тајфуна ја загрозуваат земјата со обилни врнежи, поплави и свлечишта, јавуваат локалните медиуми, повикувајќи се на официјални извори, пренесува Анадолу.
Јапонската метеоролошка агенција предупреди дека тајфунот „Хигос“ може да стигне до копното в сабота бидејќи се движи кон север од Пацификот, додека тајфунот „Мекхала“ се приближува кон регионот Амами во југозападна Јапонија денес и може да се движи кон регионот Канто следниот ден, пренесува новинската агенција „Кјодо“.
Иако се очекува двата тајфуни да ослабнат во вонтропски циклони по приближувањето до Јапонија, метеоролозите предупредуваат дека тие сепак можат да донесат опасни временски услови.
Агенцијата за пожари и справување со катастрофи соопшти дека повеќе од 2 милиона жители во 13 префектури во регионите Кинки и Кјушу добиле наредби за евакуација.
Властите издадоа итно предупредување од највисоко ниво 5 за делови од Сеика во префектурата Кјото, откако свлечиште го зафати градот.
Метеоролошката агенција соопшти дека во Гото во префектурата Нагасаки паднале околу 600 милиметри дожд меѓу вторникот и денес наутро.
Повеќе од 500 милиметри врнежи паднале и во Асо во префектурата Кумамото и во Урешино во префектурата Сага.
До сабота се прогнозираат дополнителни до 300 милиметри дожд во регионот Токаи, како и до 150 милиметри во регионот Канто-Кошин.
Властите ги повикаа жителите да бидат внимателни поради ненадејни поплави, свлечишта и други опасности поврзани со невремето.