Oliver Towfigh Nia
20 Октомври 2026•Ажурирано: 20 Октомври 2026
Германската десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) беше цел на голем кибернапад, при кој, наводно, се откриени стотици илјади електронски пораки, објавија денес германските медиуми, пренесува Анадолу.
Според АфД, биле украдени податоци од партиските сметки за е-пошта за време на хакерски напад.
„Во септември 2026 година, се случи хакерски напад кај давателот на хостинг-услуги што го користи нашата партија, при што делови од неколку профили на е-пошти, од кои повеќето не се користени со години, се незаконски копирани“, изјавија од партијата за германскиот весник „Билд“.
Тековните е-пошти што им припаѓаат на федералните структури на партијата, наводно, не се погодени во нападот.
Непознати лица тврдат дека објавиле околу 421.179 партиски електронски пораки на интернет, иако автентичноста на податоците останува нејасна.
Лицата тврдат дека информациите потекнуваат од 10 е-пошти, вклучително и една регистрирана на име на поранешниот лидер на партијата, Александар Гауланд.
Друга сметка претходно била користена од партијата како контакт-адреса за нејзиното федерално седиште.
Од партијата наведоа дека кибернападот бил брзо откриен и запрен, а сите корисници биле известени.
„Објавувањето на интернет – веројатно на дел од овие податоци – што се случи сега, моментално е предмет на истрага“, соопштија од партијата.