Oliver Towfigh Nia
09 Јули 2026•Ажурирано: 09 Јули 2026
Околу 5.120 луѓе во Германија починале како последица на горештините од почетокот на ова лето до крајот на јуни, објави денес Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) со седиште во Берлин, јавува Анадолу.
Оваа бројка веќе го надмина годишниот просек од околу 2.900 смртни случаи поврзани со горештините, регистрирани во периодот меѓу 2023 и 2025 година. Извештајот на Институтот „Роберт Кох“ се базира врз евиденцијата од Сојузниот завод за статистика и податоците од Германската метеоролошка служба (DWD).
Институтот процени дека бројот на смртни случаи поврзани со горештините се зголемил за 4.310 во неделата од 22 до 28 јуни, кога Германија доживеа најинтензивен топлотен бран.
РКИ регистрираше 810 смртни случаи за периодот од април до 21 јуни, при што портпаролката на РКИ истакна дека речиси сите се случиле само во текот на неделата од 15 до 21 јуни.
Најпогодени беа постарите лица. Околу 2.950 од регистрираните смртни случаи до 28 јуни се лица на возраст од 85 години и постари.
Во тој број се околу 1.320 лица на возраст од 75 до 84 години, околу 550 лица меѓу 65 и 74 години и приближно 300 помлади од 65 години.
Според Германската метеоролошка служба, јуни 2026 година е втор најтопол јуни во земјата откако се врши мерење, веднаш по оној во 2019 година.
Топлотниот бран кон крајот на јуни донесе температури над 41°C, а 46 метеоролошки станици на 27 јуни регистрираа температури над 40°C.