Bojana Stojanovic
01 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
БЕЛГРАД
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес во Париз изјави дека со претседателот на Франција, Емануел Макрон, отворено ќе разговара за прашањето за Косово, со цел изнаоѓање компромисно решение, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред Елисејската палата, Макрон со свечена церемонија го пречека претседателот на Србија, а потоа двајцата претседатели им се обратија на медиумите.
„Сите мораме да направиме сè за да дојдеме до компромисно решение за двете страни. Тоа досега не беше случај и секогаш бев подготвен да го сослушам претседателот Макрон и неговите иновативни идеи, за да можеме да се приближиме до договор. Искрено и отворено ќе му ја претставам нашата платформа и сигурен сум дека со неговото лидерство ќе постигнеме нешто во наредниот период“, изјави Вучиќ.
Како што наведе тој, Франција е важна земја за Србија.
„Франција е важна земја за нас и традиционално, вистински пријател на Србија. Со посветениот пристап на Макрон се надеваме дека ќе можеме да ги решиме проблемите, но и да ја зголемиме економската соработка и трговската размена, која во 2019 година изнесуваше 1,2 милијарди евра“, истакна Вучиќ.
Тој го спомена и проектот за изградба на метро во Белград и изрази надеж дека кон крајот на годината ќе започне изградбата на првата метро линија.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, наведе дека пандемијата на коронавирусот и понатаму ја мобилизира енергијата на сите земји, но и покрај тоа, неопходно е да се продолжи соработката со Западен Балкан.
„Сакам да го истакнам местото што Србија го има кај Франција“, рече Макрон.
Тој потврди дека со претседателот на Србија ќе разговара околу прашањето за Косово, а уште еднаш ја истакна својата поддршка за Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ, поради неговото посредување во текот на дијалогот.
„Изразувам поддршка за сите оние што посакуваат да ги унапредат односите меѓу Србија и Косово. Ќе продолжам да бидам со вас на патот за нормализација на односите и на патот што ќе осигури мир и стабилност на Западниот Балкан“, изјави Макрон.
Како што кажа, по изборите на Косово, ќе разговара и со идниот премиер на оваа земја.
„Имавме разговори полни со доверба со претседателот Вучиќ на таа тема и посакувам да ги поздравам ризиците што ги презеде повеќепати, со цел да даде некои иновативни решенија. Подготвен сум да ги поддржам единствените решенија што ќе доведат до напредок по тоа прашање, а тоа е единственото прашање кое суштински е битно за вашата земја и народ. Тоа се решенија на кои се согласија и двете страни, кои се признаени и кои ќе ни овозможат конечно да го решиме ова важно прашање кое е во сржта на наша Европа“, истакна Макрон.