Aysu Biçer
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
Дванаесет полицајци се повредени, а 16 лица се уапсени по втората ноќ на немири предизвикани од екстремната десница во Северна Ирска, поттикнати од сериозниот напад со нож во Белфаст, јавува Анадолу.
Помошник-началникот на полицијата, Рајан Хендерсон, изјави дека полицијата забележала значителна координација на социјалните мрежи поврзана со насилството, што доаѓала како од Северна Ирска, така и надвор од неа.
„Ќе ве изведеме пред лицето на правдата“, изјави тој во пораката упатена до организаторите на немирите. „Таа токсичност е причината поради која луѓето излегуваат на улиците и тоа мора да престане.“
Од полицијата соопштија дека нема докази кои укажуваат на тоа дека насилството е координирано од лојалистички паравоени формации. Сепак, Хендерсон додаде дека доколку се докаже спротивното, „нема да се двоумиме да спроведеме истрага“.
Полициските службеници будно ги следат активностите на интернет и ќе бидат преземени мерки против сите за коишто ќе се утврди дека го прекршиле законот.
„Сакам директно да им се обратам на големите компании за социјални медиуми дека, доколку на своите платформи дозволуваат содржини кои поттикнуваат немири, тоа мора да запре“, изјави тој.
Хендерсон предупреди дека во текот на вечерта повторно ќе бидат распоредени водени топови, заедно со дополнителни полициски сили и специјално обучени кучиња за одржување на јавниот ред и мир.
Тој најави интензивирање на полициското присуство околу болниците, со цел да се гарантира безбедноста на медицинскиот персонал. Предупредувајќи на последиците за сите вклучени во немирите, Хендерсон нагласи дека влогот е „многу голем“.
„Ќе ги изложите младите на ризик да станат дел од казнено-правниот систем“, изјави тој.
Министерот за Северна Ирска, Хилари Бен, изјави дека по насилството, чувството на страв „се прошири меѓу припадниците на етничките малцинства“.
Од синдикатот „Унисон“ соопштија дека медицинска сестра со „различна боја на кожата“ била бркана до болницата „Алстер“ од страна на четири маскирани лица.
Немирите следуваат по сериозниот напад со нож што се случи во Белфаст.
Вчера, триесетгодишен маж, по потекло од Судан, беше изведен пред судот под обвинение за обид за убиство во нападот во кој 44-годишниот Стивен Огилви се здоби со сериозни повреди и остана без своето лево око.