Mohammad Sio
25 Јуни 2026•Ажурирано: 25 Јуни 2026
Во израелскиот воздушен напад врз Јужен Либан денес загинаа три лица, а едно е повредено и покрај прекинот на огнот, јавија либанските медиуми, пренесува Анадолу.
Државната новинска агенција ННА соопшти дека дрон погодил возило хонда ЦР-В на патот меѓу градовите Завтар и Мифдун во областа Набатија, при што имало жртви.
Одделно, агенцијата објави дека израелските сили запалиле повеќе куќи во јужниот град Аин Араб откако претходниот ден ги предупредиле жителите да го напуштат местото до 17 часот по локално време.
Според ННА, израелска воена патрола придружувана од булдожер Д9 влегла во градот и му наложила на градоначалникот да ги извести жителите дека мора да ги напуштат своите домови до 17 часот, заканувајќи се дека куќите ќе бидат урнати доколку не постапат така.
Жителите на Аин Араб се вратиле во градот дури во средата наутро откако либанската армија повторно го отворила патот што го поврзува со соседниот град Мари, кој подолго време бил затворен.
Од 2 март наваму, според официјалните либански податоци, во израелската офанзива во Либан загинале речиси 4.200 лица, повредени се повеќе од 12.000, а раселени се над еден милион луѓе.
Со неодамна потпишаниот меморандум за разбирање меѓу САД и Иран се предвидува прекин на огнот на повеќе фронтови, вклучително и во Либан, како дел од напорите за постигнување траен мировен договор.
Израел и понатаму контролира делови од Јужен Либан – некои со децении, а други окупирани за време на војната во 2023–2024 година. Во последната офанзива израелските сили навлегоа повеќе од 10 километри на либанска територија.