Mücahit Oktay
28 Февруари 2024•Ажурирај: 29 Февруари 2024
ЊУЈОРК (АА) - Група палестински симпатизери се собраа во Њујорк за да му оддадат почит на американскиот војник Арон Бушнел, кој почина откако се самозапали во знак на протест против израелската војна во Газа, пренесува Анадолу.
Граѓаните се собраа пред Воениот центар за регистрација во Менхетн и му оддадоа почит на американскиот војник кој се самозапали пред израелската Амбасада во Вашингтон, извикувајќи дека „нема да учествува во геноцидот“ во Газа.

Постерот со ликот на Бушнел, поставен пред американското знаме на Тајм Сквер, беше украсен со каранфили и свеќи.
Активистите носеа транспаренти на кои пишуваше: „Почести за Арон Бушнел“ и „Стоп на американската воена поддршка во геноцидот во Газа“.
Во текстот објавен на профилот на групата на социјалните мрежи, пишува дека „не го оплакуваат само Бушнел, туку и десетиците илјади Палестинци убиени од ционистичкиот режим што го финансираат САД“.

Активниот член на американското воено воздухопловство се запали во неделата пред израелската Амбасада во Вашингтон во знак на протест против војната во Газа.
„Повеќе нема да бидам соучесник во геноцидот. Ќе се впуштам во екстремен акт на протест, но во споредба со она што луѓето го доживуваат во Палестина од страна на колонизаторите, ова воопшто не е екстремно. Тоа е она што нашата владејачка елита одлучила дека ќе биде нормално“, рече 25-годишниот Арон Бушнел пред да се самозапали.

Снимката на која се покажува неговиот вид протест и моментот кога Бушнел се самозапали, стана вирална.
Пожарот го изгаснаа припадниците на тајната служба, а Бушнел потоа е префрлен во болница поради „критични повреди опасни по живот“, каде што им подлегнал на повредите.
Последните зборови му биле: „Слободна Палестина“.