Граѓаните на Венецуела сведочат за сцени на паника и разурнувања откако двата силни земјотреси со magnituda од 7,2 и 7,5 степени во средата навечер ја погодија оваа јужноамериканска држава, при што загинаа најмалку 235 лица, а повеќе од 4.300 беа повредени, јавува Анадолу.
Семејствата кои поради катастрофата останаа без своите домови, вчерашната ноќ ја поминаа на јавните плоштади низ Каракас, додека спасувачките екипи ги пребаруваа урнатините на срушените згради.
Во Лос Палос Грандес, кои важат за области во главниот град кои се најподложни на земјотреси, неколку згради се урнаа, додека голем број други згради претрпеа сериозни оштетувања на самата конструкција.
Мери, локална жителка која побара да биде идентификувана само со нејзиното име, се присети на моментите кога останала заробена во својот стан.
„Во мојот случај, вратата ми се заглави – не можев да излезам“, изјави таа за Анадолу.
Откако успеала да се спаси, нејзината ќерка паднала по скалите и се здобила со повреди бидејќи била прегазена од неколку луѓе што очајнички се обидувале да избегаат од зградата.
Мери изјави дека зградата во која живеела повеќе не е безбедна за престој. Таа, исто така, со свои очи го видела уривањето на блиската 13-катница „Петунија I“.
„Навистина е шокантно да гледаш како зграда се урива пред твои очи“, изјави таа.
Зградата „Петунија I“ е еден од објектите што претрпеа најтешки оштетувања во градот. Густаво Дуке, градоначалник на Општината Чакао, преку видеоизјава извести дека загинале 11 лица што живееле таму, а најмалку 23 лица се спасени досега.
Дваесетгодишниот Јесер Рамирез раскажува дека во моментот кога тлото почнало да се тресе, тој се движел низ населбата Чакаито. Рамирез рече дека првично помислил дека потресот бил предизвикан од теренски камион, но кога се свртел и видел како паѓаат урнатини, сфатил дека станува збор за земјотрес.
„Луѓето трчаа и запреа на средината на авенијата затоа што тоа е она што се препорачува во вакви ситуации“, изјави Рамирез.
Тој изјави дека станбената зграда на неговото семејство во близина на плоштадот „Ла Кастелана“ претрпела тешки оштетувања.
„Сè уште не сум спиел бидејќи сум загрижен за моето семејство“, рече тој.
Рамирез додаде дека тие чекаат надлежните органи да утврдат дали нивната зграда е безбедна за да можат да се вратат во домовите.
„Чекаме да извршат процена на зградата за да видат дали е безбедна за живеење, но со оглед на состојбата во која се наоѓа, мислам дека не е“, изјави тој.
- „Застрашувачко искуство“ -
Голем број раселени жители се собраа на плоштадот „Плаза Венецуела“, спиејќи на тревата заедно со своите лични работи, додека итните служби и понатаму ги продолжуваат спасувачките операции.
Според информациите од општинските власти во Чакао, повеќе од 300 луѓе биле згрижени поради повреди, вклучително и скршеници и набиеници од пад, шинувања и хипертензивни кризи.
Дел од преживеаните, исто така, изразија загриженост во врска со состојбата во здравствениот систем во земјата.
Еуниз Ариа, сметководителка од областа Ла Калифорнија, изјави дека побегнала од својот стан на 14-тиот кат што е можно побрзо, опишувајќи го земјотресот како „застрашувачко искуство“.
„Сè што направив беше тоа што ги зедов клучевите и излегов од станот најбрзо што можев. Ова не би му го посакала никому“, изјави таа.
„Најлошото е што здравствените служби тука немаат дури ни памучни тампони. Тоа е дополнителна причина за загриженост“, додаде Ариа.
Вршителката на должноста претседател, Делси Родригез, изјави дека Каракас, како и сојузните држави Миранда, Ла Гваира, Арагва, Карабобо и Фалкон, се меѓу најтешко погодените области.
Таа вели дека примарен фокус на Владата е спасувањето човечки животи, пред да се започне со процена на штетите врз инфраструктурата и со планирање на обновата.
Училиштата и јавниот превоз, вклучително и метрото во Каракас, како и националниот железнички систем, беа суспендирани со цел да им се даде поддршка на спасувачките операции.
Стоејќи пред својата оштетена станбена зграда, Мери изјави дека единствено може да чека надлежните органи да одлучат дали ќе може да се врати дома.
„Ќе останеме тука, деноноќно, гледајќи ја нашата зграда“.