İlayda Çakırtekin
23 Октомври 2026•Ажурирано: 23 Октомври 2026
Бурата „Остин“, која се приближува кон Франција, веќе остави 161.000 домаќинства без електрична енергија, соопшти утрово операторот на електричната мрежа „Енедис“, јавува Анадолу.
Од „Енедис“ наведоа дека се погодени 128.000 домаќинства во Бретања, 19.000 во регионот Пеи де ла Лоар и 14.000 во Нормандија, додавајќи дека „повеќе од 2.000 вработени“ се подготвени да интервенираат „штом условите ќе го дозволат тоа“.
Пред пристигнувањето на бурата „Остин“ во земјата, 23 департмани во северозападна Франција беа ставени под портокалово предупредување поради силни ветрови.
Фериботите што ги поврзуваат Франција и Англија утринава останаа во пристаништата поради силните ветрови и високите бранови, јави телевизискиот канал БФМТВ.
Железничкиот сообраќај во регионите погодени од бурата е исто така сериозно нарушен, најмалку до пладне.
Во департманот Финистер, во седиштето на префектурата е активиран кризен центар поради силните ветрови. До полноќ, службите во департманот спровеле 105 операции, главно за расчистување на патиштата, додека пожарникарите биле ангажирани во 45 интервенции.