Dzihat Aliju
13 Октомври 2026•Ажурирано: 13 Октомври 2026
Трговски брод бил погоден од три воздушни дрона во близина на територијалните води на Бугарија, а 15-те членови на екипажот биле безбедно пренесени во пристаништето Варна, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев, пренесува Анадолу.
Во објава на социјалните мрежи, Радев рече дека во 1:30 часот по локално време бил примен повик за помош од брод што се наоѓал на 18 наутички милји источно од Бјала.
„Последниот напад врз трговскиот брод во непосредна близина на територијалните води на Бугарија е апсолутно неприфатлив“, напиша тој.
Според него, бродот „Челзи 3“, што пловел под малтешко знаме, бил регистриран во Одеса и бил во украинска сопственост. Бродот бил погоден во палубата и од страната од три воздушни дрона.
„Сите 15 членови на екипажот, седум украински и осум азербејџански државјани, биле безбедно пренесени во пристаништето Варна, додека петмина од нив добиваат медицинска помош“, наведе Радев.
Радев рече дека постојаните претставници на Бугарија во НАТО и Европската Унија (ЕУ) биле информирани за инцидентот.
Тој додаде дека Бугарија продолжува да бара поддршка за истрага на нападите, со цел да се утврди потеклото на дроновите, како и помош за зајакнување на надзорот над воздушниот и поморскиот простор и унапредување на капацитетите за реакција.
„Немаме јасни и конечни докази за да ѝ ја припишеме одговорноста на која било од двете страни. Сепак, како што веќе изјавив, логиката укажува дека исходот ѝ оди во прилог на Руската Федерација“, рече Радев.
Тој најави дека поради тоа во текот на денот ќе го повика рускиот амбасадор на средба.
Бугарскиот премиер соопшти и дека на вонредна седница на Советот за безбедност при Советот на министри, властите добиле информации за друг брод што бил погоден на 17 наутички милји источно од Крапец.
Според него, бродот потонал, а еден член на екипажот бил спасен.