свет

Бројот на убиени Палестинци во Газа достигна 52.400, израелските напади продолжуваат со несмалено темпо

„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“

Ahmed Asmar  | 30.04.2025 - Обновена : 30.04.2025
Бројот на убиени Палестинци во Газа достигна 52.400, израелските напади продолжуваат со несмалено темпо

АНКАРА (АА) – Најмалку уште 35 Палестинци се убиени во израелските воздушни напади врз Газа во последните 24 часа, со што билансот од геноцидната војна на Израел од октомври 2023 година досега се зголеми на 52.400, соопшти денес Министерството за здравство, јавува Анадолу.

Министерството истакна дека уште 109 повредени лица се пренесени во болниците, со што бројот на повредени во израелските напади се искачи на 118.014.

„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, додаде Министерството.

Израелската армија ја продолжи својата смртоносна офанзива врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш уби над 2.300 луѓе и повреди речиси 6.000 и покрај договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.