Islam Uddin
09 Јуни 2026•Ажурирано: 09 Јуни 2026
Бројот на загинати во силниот земјотрес со магнитуда од 7,8 степени, кој го погоди јужниот дел на Филипини, се искачи на 37 лица, а четири лица се водат како исчезнати. Спасувачките тимови продолжуваат со потрага во разурнатите населени места во најтешко погодените области на островот Минданао, јавија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Земјотресот, кој вчера во 7:37 часот по локално време го погоди крајбрежјето на провинцијата Сарангани, предизвика огромна материјална штета во делови од Минданао, односно уривање на згради, прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода и свлечишта во неколку области, објави „Филстар“.
Според информациите на Диего Маријано, заменик-портпарол на Канцеларијата за цивилна одбрана, најголем број од жртвите, односно 33, се евидентирани во регионот Соксксарген, од кои 18 во провинцијата Сарангани, 12 во градот Генерал Сантос и три во Јужен Котабато. Четири смртни случаи се регистрирани во соседниот регион Давао.
Поголем број од жртвите загинале од остатоците што паѓале при уривањето на зградите и градежните објекти за време на земјотресот, изјави портпаролката на ОЦД, Џуни Кастиљо.
Властите соопштија дека има најмалку 479 повредени лица, од кои 456 во регионот 12 и 23 во регионот Давао.
Последиците од земјотресот ги почувствуваа околу 88.000 лица во јужниот дел на Минданао, од кои 22.690 беа принудени да ги напуштат своите домови. Надлежните соопштија дека голем број граѓани сè уште престојуваат на отворен простор поради честите афтершокови и загриженоста за безбедноста на конструкцијата на зградите.
Операциите за пребарување, спасување и извлекување и понатаму се концентрирани во градот Генерал Сантос и провинцијата Сарангани, кои се меѓу најтешко погодените подрачја.
Властите пријавија оштетувања на девет моста и 19 патни правци, при што загубите во инфраструктурата се проценуваат на повеќе од 900 милиони пезоси (14,6 милиони долари).
Оштетени се вкупно 1.889 куќи, вклучително и околу 1.500 што целосно се уништени. Материјалната штета на имотите се проценува на 15 милиони пезоси (243.607 долари), но процените сè уште траат и овие бројки не се дефинитивни.
Од Канцеларијата за цивилна одбрана (ОЦД) соопштија дека планираат да постават „град од шатори“ за да ги згрижат жителите што сè уште не може да се вратат во своите домови поради оштетените објекти и постојаните безбедносни ризици.
Министерството за образование информираше за значителни штети на училишните објекти на Минданао. Според првичната процена, оштетени се вкупно 1.159 училници во 231 државно училиште во пет региони.
Пацифичкиот центар за предупредување од цунами на САД соопшти дека некои крајбрежни области може да бидат погодени од цунами со висина над три метри над вообичаеното ниво.
Предупредувањето за цунами подоцна беше повлечено од Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија, со образложение дека регистрираната висина на брановите била оценета како премногу мала за да предизвика некаква штета.
Властите во Филипините и Индонезија ги повикаа жителите во погодените крајбрежни региони веднаш да се преместат на повисоки места.
Околу два часа по првичниот удар регионот беше погоден од нов, силен афтершок со интензитет од 6,1 степен, а денес е регистриран афтершок со магнитуда од 5,1 степен, соопшти Геолошкиот институт на САД (УСГС).
Континуираните афтершокови предизвикуваат загриженост од дополнителни штети и ја отежнуваат работата на екипите за спасување.