Timo Kirez
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
Невладината организација „Центар за документација и советување за исламофобија и антимуслимански расизам“ (Центар за документација – Австрија) извести дека антимуслиманскиот расизам во земјата достигнал ново рекордно ниво, јавува Анадолу.
Според 11-тиот извештај за антимуслимански расизам претставен денес, забележани се 1.684 инциденти, што претставува највисока бројка од основањето на овој центар во 2014 година.
Во таа бројка е вклучен и смртен случај со сомнеж за антимуслиманска природа, иако Австрискиот центар за документација детално не го образложува овој настан во својот извештај.
Според организацијата, експертите проценуваат дека реалниот број непријавени случаи на антимуслимански расизам е значително повисок.
Извештајот за оваа година, насловен „Систем, а не изолиран случај“, ги става во фокус структурните причини на проблемот.
Извештајот ги истражува условите под кои антимуслиманскиот расизам се појавува, се легитимира и се вкоренува во секојдневниот живот.
Според невладината организација, покрај политиката и медиумите, сè подетално се анализираат и состојбите во здравството и во правосудниот систем.
Во извештајот се воочува директна поврзаност со политичките дебати, а особено се издвојуваат политиката на „нулта толеранција“ што ја застапува владејачката Народна партија на Австрија (ОВП), но и дебатите кои резултираа со законска забрана за носење шамии за девојчиња помлади од 14 години.
Под слоганот „нулта толеранција“, австриската сојузна Влада, а особено ОВП, застапува тврдокорен политички став кој првенствено се фокусира на миграцијата, безбедноста и борбата против екстремизмот.
Бројките во извештајот на невладината организација исто така покажуваат кои сфери од јавниот живот значително го обликуваат дискурсот. Според организацијата, медиумските содржини опфаќаат 33 проценти од документираните случаи, додека дополнителни 27,1 отсто се резултат на политичката комуникација.
Двата сегменти влијаат врз тоа антимуслиманските наративи постојано да се наметнуваат и да се засилуваат во јавната сфера, се забележува во извештајот.
Организацијата исто така посочува дека жените се особено погодени.
Осумдесет и седум проценти од случаите на дискриминација врз верска основа пријавени до Канцеларијата на комесарот за еднаков третман вклучуваат муслимани или лица кои се доживуваат како муслимани, од кои дури 90 проценти се жени.
Како резултат на ова, австрискиот Центар за документација повикува на официјално признавање на антимуслиманскиот расизам како општествен проблем, проширување на мрежата на независни советувалишта, како и на воведување построги мерки против дискриминацијата во државните институции.