Rabia İclal Turan
14 Април 2026•Ажурирај: 14 Април 2026
Потпретседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џеј Ди Венс вчера изјави дека поразот на изборите на унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе биде „многу лош“ за САД, но дека Вашингтон ќе соработува со следната Влада на земјата, пренесува Анадолу.
„Секако знаевме дека постои многу голема шанса Виктор да изгуби на тие избори. Тоа го направивме (поддршката) затоа што тој е еден од ретките европски лидери што сме ги виделе што е подготвен да ѝ се спротивстави на бирократијата во Брисел“, рече тој, осврнувајќи се на поддршката на САД за Орбан.
„Тоа е многу, многу лошо за САД“, изјави Венс во интервјуто за „Фокс њуз“.
Тој го опиша Орбан како „одличен човек што завршил многу добра работа“, додавајќи дека неговото водство било „трансформативно“ за Унгарија во текот на 16 години.
Венс рече дека САД ќе соработуваат со следниот премиер на Унгарија.
„Тажен сум што изгуби. Сигурен сум дека ќе соработуваме многу добро со следниот премиер на Унгарија“, рече тој.
„Но тоа воопшто не беше лошо патување бидејќи вреди да се стои покрај луѓето, дури и ако не победуваат во секоја трка.“
Венс ја посети Будимпешта пет дена пред изборите и ги повика Унгарците да го поддржат Орбан, велејќи дека тој ги претставува нивните интереси.
Лидерот на унгарската опозициска партија Тиса, Петер Маѓар, оствари убедливо водство на неделните избори, според Националната изборна комисија.
Орбан го призна поразот, велејќи: „Ќе ѝ служиме на нашата нација од опозиција.“