Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
07 Октомври 2026•Ажурирано: 07 Октомври 2026
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) соопшти дека внимателно ги следи известувањата за сомнителен случај на белодробна чума во Русија, кој резултирал со смрт на едно лице, пренесува Анадолу.
„ЦДЦ е запознаен со известувањата за сомнителен случај на белодробна чума во Иркутската Област во Русија, кој резултирал со смртен случај, и внимателно ја следи ситуацијата. Работиме преку американската Влада за да ги процениме случувањата со пристигнувањето на дополнителни информации“, соопшти ЦДЦ во објава на американската платформа за социјални медиуми X.
Агенцијата со седиште во Атланта соопшти дека околностите поврзани со пријавениот случај остануваат „непотврдени“.
ЦДЦ ја опиша чумата како „сериозна бактериска болест што може да се лекува со антибиотици“, особено кога ќе биде навремено препознаена и третирана.
Според агенцијата, белодробната чума може да се пренесува од човек на човек преку респираторни капки при близок контакт. Таа истакна дека брзото идентификување и лекување на заразените лица, како и следењето на луѓето кои можеби биле изложени, се важни мерки за јавното здравје.
САД официјално ја предупредиле Москва дека задржувањето информации за смртта на работник во истражувачки институт за чума во Сибир не е во согласност со нејзините меѓународни обврски во областа на здравството, објави „Волстрит журнал“, повикувајќи се на американски официјални претставници.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, говорејќи на Исланд, изјави дека информациите од Москва „сè уште се прилично ограничени“ и повика на поголема транспарентност.
Руските власти соопштија само дека жената, која локалните медиуми ја идентификувале како Дарија Шипилова, починала од пневмонија, според наводите.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека ризикот од ширење на болеста надвор од Русија е „многу низок“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон би можел да помогне, додека руската Служба за заштита на потрошувачите соопшти дека би била подготвена да им помогне на САД во справувањето со епидемиите на сипаници.
Американскиот Стејт департмент подоцна издаде предупредување за патување на X, наведувајќи дека „Амбасадата на САД е запознаена со медиумските известувања од Иркутската Област за сомнителен случај на белодробна чума, кој резултирал со смрт на едно лице, како и со поврзаните карантински мерки и затворањето на болници во Иркутск“.
Наведувајќи дека САД внимателно ја следат ситуацијата, во предупредувањето дополнително се потсетуваат американските граѓани дека „американската Влада има ограничена можност да им помогне на американските граѓани во Русија, особено надвор од Москва“.
Апелирајќи до американските граѓани „веднаш“ да ја напуштат Русија, во предупредувањето исто така се наведува дека „на американските граѓани кои планираат патување во Русија повторно силно им се препорачува да не патуваат во Русија поради ризикот од неправедно притворање и безбедносни причини“.