Timo Kirez
26 Октомври 2026•Ажурирано: 26 Октомври 2026
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер од Австриската народна партија (ОВП) денес се закани дека ќе стави вето на предлогот за буџетот на Европската Унија (ЕУ), пренесува Анадолу.
Во изјавата за германскиот дневен весник „Ди Велт“, Стокер рече: „За Австрија постои праг на издржливост. Ако тој праг се надмине, нема да се согласам.“
Иако Штокер не прецизираше каде точно лежи „прагот на издржливост“ на Виена, тој истакна дека „компромис ќе биде можен само доколку новиот предлог е реален“.
Штокер особено го критикуваше барањето на Европската комисија за отворање 2.500 дополнителни работни места во администрацијата, оценувајќи го како „целосно неразумно и далеку од реалноста“.
„Ние укинуваме 2.600 административни работни места во Австрија“, рече канцеларот. Тој очекува и институциите на ЕУ да го сторат тоа.
Доколку бирократијата се намали преку редукција на персоналот, тоа би било сосема прифатливо за него, додаде Штокер.
Австрија моментално е предмет на постапка на ЕУ поради буџетски дефицит и мора да го консолидира сопствениот буџет. Затоа Штокер рече дека очекува Брисел да спроведува фискална дисциплина и ефикасно да ги користи своите ресурси.
Финансиската рамка на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година мора да биде одобрена едногласно од земјите членки.
Европската комисија предложи вкупен буџет од 1,985 билиони евра за следните седум години.
Отпорот кон овој финансиски план не доаѓа само од Австрија, туку и од Германија, Холандија, Финска, Шведска и Данска.