Islam Uddin
22 Април 2026•Ажурирај: 22 Април 2026
Австралиската комесарка за е-безбедност издаде правно обврзувачки известувања за транспарентност до водечките гејминг платформ - Роблокс, Мајнкрафт, Фортнајт и Стим , по повод растечката загриженост дека сексуалните предатори и екстремистичките групи ги злоупотребуваат онлајн игрите, јавува Анадолу.
Според соопштението на Комисијата за е-безбедност, објавено денес, во дописот се бара од компаниите да објаснат како ги детектираат, спречуваат и одговараат на активностите на овие платформи како што се мамењето малолетници, кибернасилството, говорот на омраза на интернет и радикализацијата, како и дали нивните системи се во согласност со основните очекувања за безбедност на интернет во Австралија.
Комесарката за е-безбедност, Џули Инман Грант, изјави дека платформите за онлајн гејминг може да послужат како првичен контакт меѓу престапниците и децата, кои потоа честопати се пренесени во приватните пораки на платформите.
„Гејминг платформите се дел од онлајн просторот што најмногу ги користат децата во Австралија”, изјави таа и посочи дека приближно девет од десет деца, на возраст од 8 до 17 години играат игри на интернет.
Таа предупреди дека престапниците намерно целат на децата, а екстремистичките содржини и насилната пропаганда може да бидат вметнати директно во средините за играње, со што се зголемуваат ризиците од радикализација и штета.
Од Комисијата за е-безбедност наведоа дека одговорот на правниот допис за транспарентност е задолжително, со потенцијални казни до 825.000 австралиски долари (приближно 544.500 американски долари) дневно за непочитување и до 49,5 милиони австралиски долари (приближно 32,67 милиони американски долари) по прекршок, во согласност со австралиските закони за безбедност на интернет.
Австралија е прва земја во светот што минатата година забрани социјални медиуми за деца под 16 години.
Потегот на Австралија охрабри неколку земји и тие да преземат чекор во таа насока, поттикнати од растечката загриженост за влијанието на социјалните медиуми врз развојот на мозокот, менталното здравје и учењето.