Asiye Latife Yılmaz
09 Април 2026•Ажурирај: 09 Април 2026
Џамијата Ал-Акса во окупираниот Источен Ерусалим денес е повторно отворена за муслиманските верници по 40-дневното затворање од страна на Израел во текот на заедничките американско-израелски воени операции против Иран, јавува Анадолу.
Според дописникот на Анадолу од терен, џамијата, која се наоѓа во Старото јадро на градот, била отворена взори, при што на стотици палестински муслимани им било дозволено да влезат во комплексот Ал-Харам ал-Шариф.
Кога портите на џамијата се отворија со утринскиот езан (исламски повик за молитва), голем број верници побрзаа кон комплексот, а многумина од нив со солзи паднаа ничкум (на сеџда) во дворовите на џамијата, во знак на благодарност.
Стотици муслимани се наредиле за утринската молитва (сабах-намаз), одбележувајќи ја првата заедничка молитва на ова место по неговото затворање.
Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир упадна во комплексот на 6 април додека тој сè уште беше затворен.
Израел целосно ја затвори џамијата Ал-Акса на 28 февруари, истовремено со неговите напади врз Иран, дозволувајќи им само на персоналот на џамијата и на претставниците на исламскиот вакаф во Ерусалим да влезат за молитва, а другите Палестинци беа принудени да вршат молитва во помали џамии низ градот.
Властите, исто така, оваа година го спречија одржувањето на молитвите за Рамазан бајрам во џамијата Ал-Акса, што претставува прво такво ограничување од израелската окупација на Источен Ерусалим во 1967 година.
Израелските власти во исто време ја затворија и Црквата на Светиот Гроб, едно од најсветите христијански места во Ерусалим.
Израелската Влада претходно ја продолжи вонредната состојба до средината на април, но не појасни дали џамијата ќе остане затворена во текот на целиот период.