Islam Uddin
02 Јуни 2026•Ажурирано: 02 Јуни 2026
Јапонија денес започна со отстранување на нуклеарното гориво од нуклеарната централа Фукушима, оштетена од земјотресот и цунамито кои го погодија североисточниот дел на земјата во 2011 година, пренесува Анадолу.
Компанијата „Токио електрик пауер“ (ТЕПКО) започна со отстранување на нуклеарното гориво од базенот за користено гориво на реакторот број 2 во нуклеарната централа Фукушима, што претставува значаен чекор во долготрајниот процес на затворање на објектот разорен во земјотресот и цунамито, пренесе „Џиџи прес“.
Операцијата вклучува отстранување на горивни елементи складирани во базенот со користено гориво на реакторот, каде што сè уште се наоѓаат 587 високо радиоактивни искористени горивни елементи и 28 неискористени.
ТЕПКО соопшти дека првично се отстранува неупотребеното гориво затоа што претставува помал ризик во случај на инцидент.
Енергетската компанија има цел да го заврши отстранувањето на сите горивни елементи од реакторот број 2 до 2028 година.
Нивоата на радијација во внатрешноста на зградата на реакторот и понатаму се високи и по повеќе од 15 години од катастрофата во Фукушима, кога дојде до топење на јадрото на нуклеарниот реактор по силниот земјотрес и цунамито.
Радијацијата на петтиот кат, каде што се наоѓа базенот со гориво, достигнува до 5 милисиверти на час, поради што се ограничува времето што работниците може да бидат во тој дел.
За намалување на ризиците, кранот за отстранување на горивните елементи се управува од далечина, а елементите се ставаат еден по еден во контејнер за транспорт, наречен заштитен контејнер внатре во базенот.
Заштитниот контејнер ќе биде подигнат надвор од базенот, а потоа спуштен на приколка од платформа поставена до објектот.