Riyaz Khaliq Khaliq
17 Јули 2026•Ажурирано: 17 Јули 2026
Јапонските пратеници денес ги одобрија измените на законот со кој се уредува најстарата наследна монархија во светот, со што се задржува правилото дека само мажи можe да го наследат престолот, јавува Анадолу.
Парламентот го одобри амандманот на Законот за царскиот дом „со цел да се реши проблемот со намалувањето на бројот на членови на кралското семејство“, објави „Кјодо њуз“. Ова е прва голема измена на законот од 1947 година.
Измените дозволуваат посвојување мажи на возраст од 15 години и постари од поранешните гранки на семејството, кои по машка линија потекнуваат од императорите и им овозможуваат на женските членови на царското семејство да го задржат својот статус по склучувањето брак со обични граѓани.
Со законот од 1947 година Јапонија отстрани 51 член од 11 поранешни гранки на семејството што потекнуваат од императорите.
Во извештајот се наведува дека конзервативната владејачка коалиција предводена од премиерката Санае Такаичи – прва жена што ја предводи Јапонија – се соочи со критики од опозициските пратеници поради „недоволните парламентарни дебати“, како и поради нивниот „очигледен притисок да се зачува традицијата престолот да го наследуваат исклучиво мажи по таткова линија.
Зошто се намалува бројот на членови во јапонското царско семејство?
Се смета дека јапонската монархија датира повеќе од 2.600 години, а бројот на членовите на семејството постојано се намалува поради правилата за наследување и демографските промени.
Законот за царскиот дом од 1947 година стапи на сила кога Јапонија сè уште беше под американска окупација по Втората светска војна. Според него, само мажи од таткова линија може да го наследат престолот.
По оваа историска измена, машките потомци што ќе бидат посвоени во царското семејство сега би можеле да се искачат на Хризантемскиот престол.
Исто така, женските членови што сакаат да се омажат надвор од семејството повеќе не треба да се откажуваат од својот царски статус.
Меѓутоа, нивните сопрузи или деца не може да станат дел од царското семејство и ќе останат обични граѓани. Изменетиот закон и неговата примена ќе се ревидираат на секои 30 години, доколку е потребно.
Кој моментно може да го наследи престолот?
Денес царското семејство има помалку од 20 членови, со само неколку преостанати машки наследници. Само мажите што потекнуваат од таткова царска линија остануваат подобни за наследници.
Актуелната линија на наследување се состои од: престолонаследникот Акишино, помлад брат на императорот Нарухито; принцот Хисахито, син на Акишино; и принцот Хитачи, постар вујко на императорот. Принцот Хисахито, роден 2006 година, е најмлад член во линијата на наследување и моментно единствен наследник од неговата генерација.