Beyza Binnur Dönmez
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
Швајцарскиот Парламент го одобри владиниот предлог со кој се укинува забраната за изградба на нови нуклеарни централи во земјата, со што повторно се отвора вратата за атомската енергија по речиси една деценија откако гласачите го поддржаа постепеното затворање на нуклеарните капацитети, пренесува Анадолу.
Долниот дом на швајцарскиот Парламент (Претставничкиот дом) вчера му даде поддршка на контрапредлогот на Владата во однос иницијативата „Стоп за рестрикциите“ откако мерката веќе доби одобрение и од Сенатот, јавува швајцарскиот јавен сервис „Свисинфо“.
Оваа одлука значи дека во иднина граѓаните на Швајцарија ќе бидат повикани да направат избор меѓу граѓанската иницијатива и алтернативниот предлог понудено од Владата.
Со ова парламентарно одобрување се поддржа амандман на постојната законска регулатива, со кој би се укинала актуелната забрана за изградба на нови нуклеарни централи во Швајцарија.
За време на дебатите швајцарскиот министер за енергетика Алберт Рости, како што е наведено во веста, аргументирал дека задржувањето на опцијата за нуклеарна енергија е неопходно за да се заштити долгорочната енергетска безбедност на земјата.
Поддршката за предлогот дојде првенствено од централно десничарските и десничарските политички партии, кои сѐ повеќе ја нагласуваат загриженоста за енергетската безбедност, во контекст на сѐ поголема побарувачка за електрична енергија и напорите за намалување на зависноста од фосилни горива.
Партиите од левиот блок се спротивставија на предлогот, нагласувајќи дека Швајцарија треба да продолжи да се фокусира на обновливите извори на енергија наместо да инвестира во ново производство на нуклеарна енергија.
Претходно Швајцарија донесе одлука за постепено откажување од нуклеарната енергија, а на референдумот во 2017 година гласачите ја одобрија енергетската стратегија со која се забрани изградба на нови нуклеарни централи, а се дозволи постојните реактори да продолжат со работа сè додека се безбедни.
Противниците веќе го подготвуваат следниот предизвик. Зелената партија најави планови за референдум против законските измени, што е гаранција дека конечниот збор за ова прашање повторно ќе го имаат граѓаните на Швајцарија.