Ramzi Mahmud,Muhammed Emin Canik
29 Февруари 2024•Ажурирај: 29 Февруари 2024
ГАЗА (АА) - Уште 7 деца умреа од неисхранетост во болницата „Кемал Адван“ во северниот дел на Појасот Газа, известува Анадолу.
Израелските сили продолжуваат со нападите што траат веќе 4 месеци, спречувајќи влез на хуманитарната помош, поради што дојде до хуманитарна катастрофа.
Хусам Абу Сафије, директор на болницата „Кемал Адван“, изјави дека 7 палестински деца умреле од неисхранетост.
„Окупаторот Израел започна нова војна против народот на Газа, а тоа е војна со глад. Бројката на умрени од последици на глад се зголемува, особено меѓу децата. Има многу деца на одделенијата за интензивна нега кои се соочуваат со опасност од смрт поради глад“, соопшти Ашраф ал Кудра, портпаролот на Министерството за здравство во Газа.
Тој истакна дека и покрај инсистирањето на меѓународните организации, Израел ги блокира напорите на хуманитарните организации за испорака на помош.
„Особено откако болницата 'Кемал Адван' е вон функција, здравствениот систем во северниот дел на Газа е потполно неадекватен“, изјави Ал Кудра.
Министерството за здравство во Газа во средата соопшти дека уште 6 палестински деца ги загубиле животите поради неисхранетост и дехидрација во северниот дел на Газа.
Во соопштението се наведува дека 4 деца умреле во болницата „Кемал Адван“, која не е во функција поради недостатокот на гориво, а 2 во болницата „Шифа“ во Газа, која е сериозно оштетена во нападите на израелската војска.
Во Појасот Газа, кој има околу 2,3 милиони жители, владее хуманитарна катастрофа бидејќи израелската војска продолжува со нападите веќе 146 дена.
Цел на израелските напади се цивилните населби, болници, училишта и засолништа во кои раселените Палестинци побараа спас. Израелските сили ја спречуваат и доставата на хуманитарна помош во опколената палестинска енклава.
Досега се убиени над 30.000 Палестинци, а ранети се повеќе од 70.000 лица во израелските бомбардирања и гранатирања на Појасот Газа. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.