Ayhan Şimşek
03 Ноември 2026•Ажурирано: 03 Ноември 2026
Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес е во посета на Берлин, соопштија извори од германската Влада, пред планираните разговори меѓу САД, Русија и Украина следната недела, јавува Анадолу.
Канцеларот Фридрих Мерц ја најави планираната посета за време на обраќањето пред бизнис лидерите, велејќи дека Зеленски повторно ќе му се придружи по пладне. Посетата не беше најавена претходно од безбедносни причини.
Мерц не ги образложи конкретните теми на разговорите, но ја нагласи континуираната посветеност на Германија кон Украина. Тој рече дека напнатата средба во Белата куќа во февруари 2025 година меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп била последниот поттик неговата Влада да ги зајакне одбранбените капацитети на Европа.
„Ова е предизвик чии размери никој од нас не можеше да ги предвиди“, рече Мерц пред присутните.
„За мене, последен поттик беше посетата на Зеленски на Белата куќа во февруари минатата година и сцените што се одиграа таму“, додаде тој.
По таа средба Мерц рече дека заклучил оти Европејците мора да обезбедат способност самостојно да се бранат.
„Ова не значи дека го доведуваме НАТО во прашање“, нагласи тој. „Сакаме да бидеме способни да се браниме – за да не мора навистина да се браниме“, продолжи Мерц. „И, второ, го правиме НАТО поевропски за да може да остане трансатлантски сојуз.“
Тој додаде дека овие два принципа ја насочуваат надворешната и безбедносната политика на неговата Влада.
Очекуваната средба меѓу Мерц и Зеленски се одржува во време кога специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, најави нова рунда разговори меѓу Русија, Украина и САД на 10 и 11 ноември во Абу Даби. Разговорите ќе се одржат на ниво на советници на лидерите на трите земји.
Се очекува американските пратеници оваа недела да се сретнат во Брисел и со претставници на Германија, Франција, Велика Британија, НАТО и ЕУ. На разговорите ќе бидат опфатени безбедносните гаранции за Украина, европската безбедносна архитектура по војната и обновата на земјата.
Германските медиуми објавија дека на разговорите во Берлин би можело да стане збор и за дополнителна финансиска поддршка од Германија. Според наводите, конзервативниот сојуз на Мерц, ЦДУ/ЦСУ и коалицискиот партнер Социјалдемократската партија, планираат да издвојат дополнителни 200 милиони евра (224 милиони долари) за зимска помош.
Средствата се наменети за поддршка на украинските електрани и другата цивилна инфраструктура што постојано се цел на руски напади.