Burç Eruygur
14 Јули 2026•Ажурирано: 14 Јули 2026
Украинскиот Парламент денес гласаше за разрешување на премиерката Јулија Свириденко откако претседателот Владимир Зеленски најави планови за реконструкција на Владата, јавува Анадолу.
Парламентот го поддржа разрешувањето на Свириденко со 258 гласа „за“, што резултираше и со оставка на Кабинетот на земјата.
Во неделата Свириденко потврди дека ќе се повлече откако Зеленски објави планови за замена на сегашниот Кабинет.
„Благодарна сум му на претседателот за неговата доверба и за неговата висока оцена за работата на нашиот тим. Горда сум што имав чест да ја водам Владата во еден од најтешките периоди во модерната историја на Украина“, напиша таа на американската платформа за социјални медиуми X.
Зеленски, по состанокот со Свириденко, изјави дека на Украина ѝ е потребен нов Кабинет и дека разговарале за планираните промени.
„Подготовката за зима е исклучително важен приоритет и Украина мора да биде подготвена за секоја закана што може да се појави. Трансформацијата на државните компании, од кои значително зависи издржливоста на Украина, мора да се забрза. Договорите на Украина со нејзините партнери за обнова, исто така, бараат посебно и фокусирано внимание“, рече Зеленски.
„Соодветно на тоа, во Украина ќе започнат кадровски промени за да се обезбеди спроведување на новата политичка стратегија“, додаде тој.
Свириденко беше премиерка на Украина помалку од една година, таа ја презеде функцијата на 17 јули 2025 година, наследувајќи го Денис Шмихал, кој моментно е прв вицепремиер и министер за енергетика.